"Grand Theft Auto": Фабрика за пари што „печати“ милијарди

Точка

12/05/2025

17:38

569

Големина на фонт

а а а

Еден од највлијателните наслови во светот на забавата следната година ќе ја добие својата шеста игра, која на "Rockstar" ќе му донесе нови милијарди долари, а проценките се дека досега "GTA" им има донесено околу 13 милијарди долари заработка.

Од своите скромни почетоци во 1997 година, серијалот "Grand Theft Auto" (GTA) се трансформираше од контроверзна видео-игра во глобален културен и финансиски феномен. "GTA" на "Rockstar" ја редефинираше категоријата на „отворен свет“ и стана синоним за поместување граници во индустријата на забавата.

Најавите и трејлерите за долгоочекуваниот "GTA VI" само го потврдија статусот на франшизата како една од највлијателните и најпрофитабилните на сите времиња, со вкупна продажба која (според проценките од 2024 година) надминува 440 милиони примероци.

Од 2D хаос до 3D револуција

Сè започна во 1997 година со првата "GTA" игра. Играта нудеше поглед одозгора и невидена слобода за движење низ три фиктивни града: Либерти Сити, Вајс Сити и Сан Андреас. Играчите можеа да крадат автомобили, да извршуваат мисии за криминални организации и да бегаат од полицијата. И покрај едноставната графика, играта постави темели за она што следеше. Креаторите Дејвид Џоунс и Мајк Дејли веројатно немале поим каков џин создаваат.

Вистинскиот пресврт се случи во 2001 година со "Grand Theft Auto III", кој серијалот го префрли во целосно 3D опкружување. Сместен во мрачната верзија на Њујорк – Либерти Сити, оваа игра не беше само технолошки напредок, туку и културен шок. Нудеше жив свет со пешаци што реагираат, променливо време, радио-станици со лиценцирана музика и сатирични реклами. Успехот беше моментален – се продадоа над 14.5 милиони примероци и се заработија стотици милиони долари.

Со продолженијата како "Vice City" (2002), инспириран од Мајами во 80-тите, и "San Andreas" (2004), кој нудеше цела држава инспирирана од Калифорнија и Невада, "GTA" ја зацврсти својата доминација. "Vice City" продаде над 17.5 милиони примероци, додека "San Andreas" достигна неверојатни 27.5 милиони, станувајќи најпродавана игра на "PlayStation 2".

Контроверзија како заштитен знак и маркетинг алатка

Од самиот почеток, "GTA" беше предмет на контроверзии. Насилството, можноста за напади врз цивили, проституцијата и глорификацијата на криминалниот живот беа честа мета на критики од политичари и морални стражари. Скандалот „Hot Coffee“ во "San Andreas", каде модери открија скриена сексуална мини-игра, доведе до промена на возрасната категоризација и судски тужби.

Сепак – или можеби токму поради тие контроверзии – "GTA" стануваше сè попопуларна. Секоја нова игра го привлекуваше вниманието на јавноста, што дополнително ги зголемуваше продажбите.

Во 2002 година, по излегувањето на "Vice City", списанието TIME напиша:

„Оваа игра ќе ве натера да сфатите дека видеоигрите повеќе не се само играчки – тие се софистицирана, провокативна забава за возрасни. Во најдобар случај, тие се уметност.“


"GTA V" и "Online": Машина за пари

"Grand Theft Auto IV" (2008) донесе пореалистична и потемна верзија на Либерти Сити и се продаде во над 28 милиони примероци. Но, вистинската финансиска ѕверка се појави во 2013 со "GTA V".

Сместена во редизајнираниот Лос Сантос и околината на Сан Андреас, "GTA V" урна сè: во првите три дена заработи 1 милијарда долари.

До денес, играта е продадена во 210 милиони примероци, што ја прави втора најпродавана игра во историјата.


Но, вистинското злато дојде со "GTA Online" – мултиплеер-компонентата што следеше по "GTA V". Преку микро-трансакции, особено продажбата на „Shark Cards“ (виртуелен кеш за вистински пари), "GTA Online" генерира стотици милиони долари годишно.

Според податоци на "Take-Two" објавени од "TweakTown" во февруари, комбинираните приходи од "GTA V" и "GTA Online" изнесуваат околу 9.5 милијарди долари, што ја прави играта еден од најпрофитабилните забавни производи во историјата.

Проценките се дека целата "GTA" франшиза досега има донесено помеѓу 12.8 и 13.5 милијарди долари.


GTA VI

По години на чекање, "Rockstar" на крајот од 2023 го објави првиот трејлер за "GTA VI", кој во првите 24 часа постави нов Гинисов рекорд со над 90 милиони прегледи на "YouTube" – најгледан трејлер за видео-игра на сите времиња.

Вториот трејлер, објавен неодамна, уште повеќе ги распали очекувањата. Приказната ќе биде сместена во фиктивната држава Леонида, која го вклучува добро познатиот Вајс Сити, а за првпат во главната серија, еден од протагонистите ќе биде жена – Луција, заедно со својот партнер Џејсон.


Играта е официјално најавена за 26 мај 2026 година и ќе излезе за PlayStation 5 и Xbox Series X/S.

Аналитичарите предвидуваат дека "GTA VI" ќе продаде меѓу 25 и 30 милиони примероци во првата година, генерирајќи околу 2.5 милијарди долари, додека низ целиот животен век играта може да донесе над 10-12 милијарди долари.

Се чини дека машината за пари наречена "Grand Theft Auto" не планира да сопре.