„Искрено се надевам дека ова е крајот на едно долго и тешко патување“, изјави судијата Марк Вејлан.
По повеќе од пет години судски спор кој беше во фокусот на британските таблоиди, заврши конфликтот меѓу Ребека Варди и Колин Руни – инфлуенсерки и сопруги на познатите англиски фудбалери Џејми Варди и Вејн Руни. Случајот, кој започна во 2019 година, привлече огромно внимание во Велика Британија и доби прекар „Wagatha Christie“, спој од терминот WAG (жени и девојки на фудбалери) и името на познатата писателка на криминалистички романи.
Сè започна кога Колин Руни, сопруга на поранешниот англиски репрезентативец Вејн Руни, ја обвини Ребека Варди, сопруга на напаѓачот на Лестер Сити Џејми Варди, дека му доставувала лажни приказни за неа на таблоидот "The Sun". Госпоѓа Варди ги негираше обвинувањата и ја тужеше Колин Руни за клевета. Во јули 2022 година, судот пресуди во корист на Колин Руни, а неколку месеци подоцна ѝ беше наложено на Ребека Варди да ѝ исплати 1,5 милиони евра за судски трошоци.
Сопругата на Џејми Варди ја оспори одлуката, а нова постапка требаше да започне во вторник на Високиот суд во Лондон. Меѓутоа, на почетокот на рочиштето, адвокатите на г-ѓа Варди го известија судијата дека се согласила да ѝ исплати на г-ѓа Руни повеќе од 1,2 милиони фунти. Судијата ја прифати спогодбата, но додаде уште 210.000 фунти за да се покријат дополнителните трошоци кои ги побара Колин Руни.
„Искрено се надевам дека ова е крајот на едно долго и тешко патување“, повтори судијата Марк Вејлан.