Симоне Инѕаги излезе како победник во тактичкиот дуел со Ханси Флик и ќе се бори за својата прва титула во второто финале од кое ќе биде дел во Лигата на шампиони, натпревар кој е закажан за 31-ви мај во Минхен.
Италијанскиот првак ќе биде дел од второ финале во последните три сезони, а победата од вкупни 7:6 над Барселона носи дефинитивно огромна сатисфакција, особено ако се знае дека тимот на Ханси Флик беше голем фаворит за пласман на „Алијанц арена“.
По драмата на „Џузепе Меаца“ и триумфот од 4:3 на домашен терен, Инѕаги како голем џентлмен им честиташе и на ривалите, но овојпат издвои и едно име кое често останува во сенка на играчите од нападот како Јамал, Рафиња и Левандовски.
– Мора да испратиме честитки до Барселона, тие уште еднаш покажаа дека се многу силен противник. Моравме да бидеме најдобра верзија од себе за да имаме шанси, бевме неверојатни на двата натпревари. Само така можевме да стигнеме до финале, па затоа сум посебно горд што ги тренирам овие момци. Имавме играчи кои не беа максимално подготвени за игра, но излегоа на теренот и дадоа се што имаа. Се потпревме на нашите најсилни страни, се обидовме да го лимитираме противникот иако ни беше многу тешко, па мислам дека заслуживме да се пласираме во финалето, – изјави Инѕаги, кој ако на првиот меч го испофали Ламин Јамал, сега испорача јавни комплименти за Френки Де Јонг.
– Сите зборуваат за Јамал и се кажаа многу работи за него, но на овие два натпервари, јас видов уште еден извонреден играч од противничкиот тим, а кој во минатото не играше против нас поради повреда. Френки Де Јонг ме импресионираше исто како Јамал. Начинот на кој игра чисто со топката, начинот на кој подава и се движи е прекрасен. Не би ги менувал моите играчи за ниту еден друг во светот, но Френки беше сензационален на овие два натпревари, – порача Инѕаги.