На улиците на САД наскоро ќе се појават илјадници нови автономни автомобили.
„Volkswagen of America“ првпат ја лансираше тест-флотата на автономни возила "ID. Buzz" во јули 2023 година во Остин, Тексас. Сега, овој електричен минибус добива нова улога – како автономно возило во служба на "Uber".
Сепак, оние што ќе сакаат да користат вакво возило ќе треба да почекаат до крајот на следната година, кога ќе стане можно резервирање на возење во "ID. Buzz" преку "Uber" платформата. Услугата најпрво ќе биде достапна во Лос Анџелес, а потоа ќе се прошири и во други региони.
За време на тест-фазата, како и во почетните фази на комерцијалното воведување, зад воланот сепак ќе има човечки оператор.
"VW" потенцира дека присуството на оператори е клучно за навремено прилагодување на системот и интервенција кога е потребно, со цел да се обезбеди безбедноста на патниците.
Компанијата применува претпазлив и фазен пристап: „Секој чекор ќе се преземе само по добивање на сите неопходни регулаторни одобренија“.
"VW" се потпира на својата подбренд компанија за автономна мобилност, "MOIA", за да го адаптира "ID. Buzz" за "Uber" услугата.
На долг рок, „Volkswagen of America“ и "Uber" планираат да распоредат илјадници вакви автономни минибуси низ различни региони на САД во текот на следната деценија.
"VW" веќе три години го тестира автономниот "ID. Buzz" – прво во Минхен, а подоцна тестирањата се проширија и во Хамбург.
Самото возило "ID. Buzz AD" датира од 2022 година, а големото надградба минатата година вклучуваше партнерство со компанијата "Mobileye", со цел да се достигне ниво 4 на автономно возење.
Роботаксито сега располага со 13 камери, девет "LIDAR" сензори и пет радари, како и со резервни системи за сопирање, управување и напојување.
Инаку, "VW ID. Buzz" сè уште е ретка глетка на американските патишта. "Volkswagen" продаде само 1.162 примероци минатата година, кога електричниот минибус конечно дебитираше во Северна Америка – неколку години по европската премиера.
Во првиот квартал од 2025 година, "VW" испорача 1.901 возило во САД.