Откако уметнички трговци од Унгарија испратиле на поправка виолина што со години ја чувале меѓу купен мебел, откриено е дека инструментот бил изработен од еврејски затвореник за време на Втората светска војна, во рамките на нацистичкиот концентрационен логор Дахау во Германија.
„Пробен инструмент, изработен во тешки услови без алат и материјал. Дахау. Година 1941, Франчишек Кемпа“, стоело во истрошена порака сокриена внатре во виолината, откриена за време на поправката.
Иако изработката на инструментот укажувала на вешт мајстор, професионалецот кој ја поправаше виолината бил збунет од лошиот квалитет на дрвото и грубите алати користени при нејзината изработка, што не одговарало на очигледната мајсторска умешност, пренесе „Асошиејтед прес“.
„Ако ги погледнете нејзините пропорции и структура, ќе видите дека станува збор за мајсторска виолина, направена од вешт човек во својот занает. Но, изборот на дрво беше сосема неразбирлив“, изјави унгарската трговка со уметнини, Сандра Катона.
Мотивиран од оваа контрадикција, мајсторот кој ја поправаше виолината ја расклопил и ја пронашол скриената порака од Кемпа, која очигледно претставувала објаснување, дури и извинување од мајсторот за изработка на виолини, принуден од бруталните ограничувања на своето заробеништво да изработи инструмент што не ги исполнувал неговите стандарди.
Дахау, сместен близу Минхен, бил првиот концентрационен логор основан од нацистите во март 1933 година.
Првично служел за политички затвореници, но подоцна станал модел за останатите логори каде биле затворани Евреи, Роми, свештеници, хомосексуалци и други кои биле мета на нацистичкиот режим.
Со текот на времето, Дахау станал место на принудна работа, медицински експерименти и брутални казнувања, и функционирал сè до неговото ослободување од американските сили на 29 април 1945 година.
Се смета дека најмалку 40.000 луѓе таму починале од глад, болести, егзекуции или малтретирање.
Постојат бројни докази дека музички инструменти биле присутни во концентрационите логори низ Централна и Источна Европа за време на Втората светска војна, но се верува дека сите познати инструменти што преживеале од Дахау биле донесени од затворениците.
„Виолината на надежта“, како што е наречена, е единствениот познат инструмент што е навистина изработен во логорот. Не е познато како таа го напуштила Дахау и стигнала до Унгарија.
Според документите што музејот при спомен-обележјето во Дахау им ги доставил на унгарските трговци со уметнини, Франчишек Кемпа ја преживеал војната и се вратил во родната Полска, каде продолжил да изработува инструменти сè до својата смрт во 1953 година.