Антонио Ридигер се најде во фокусот на јавноста поради своето непримерно однесување во финишот на Куп финалето со Барселона, но дополнителна лоша вест за дефанзивецот е повредата која претходно ја заработи на овој натпревар.
Германецот дефинитивно оди на подолга принудна пауза, бидејќи Реал Мадрид денеска потврди дека бил опериран како дел од процесот за санација на оштетувањето на менискусот на левото колено.
Реал во соопштението посочува дека операцијата ја извршил докторот Мануел Лејес под надзор на лекарскиот тим на клубот, но очекувано не наведе и колку долго ќе паузира важниот фудбалер.
Шпанските медиуми најавуваат дека паузата ќе трае меѓу 6 и 8 недели, што значи дека Карло Анчелоти нема да смета на својот важен стартер на голем број натпревари.
Според предвидувањата, Ридигер ќе ги пропушти последните пет натпревари во Ла Лига, а веројатно и дуелите од групната фаза на Светското клупско првенство, кои Реал ги игра во периодот од 18 до 27. јуни.