Според прописите на Фудбалската федерација на Шпанија, Антонио Рудигер ризикува суспензија од четири до 12 натпревари.
Директорот на германската фудбалска репрезентација, Руди Фелер, денес изјави дека германскиот дефанзивец Антонио Рудигер мора да го промени своето однесување поради насилниот протест против судијата на финалето на Купот на Шпанија, и дека и самиот е свесен за тоа.
„Тони е исклучителен фудбалер и многу емотивна личност, борец на теренот. Тоа мора и да остане. Но во овој случај, врз него и некои соиграчи премногу влијаеше исклучително темзичната атмосфера околу клубот“, изјави Руди Фелер за германската новинска агенција "SID", филијала на Франс-Прес (AFP).
Во самиот финиш на финалето на Купот на Шпанија, во кое Барселона го победи Реал Мадрид по продолженија — клуб за кој настапува Рудигер — германскиот дефанзивец доби црвен картон за „фрлање предмет“ кон судијата Рикардо де Бургос Бенгоечеа, кој само ден порано јавно го осуди постојаниот притисок од телевизијата на Реал Мадрид и се расплака.
„Тоа не смее да се случи. Особено не на германски репрезентативец. Тоа мора да го промени, и тој самиот е свесен за тоа, што го покажа и со својата јавна реакција“, додаде Фелер, кој беше селектор на Германија од 2000 до 2004 година.
Според прописите на Фудбалската федерација на Шпанија, Рудигер се соочува со ризик од суспензија меѓу четири и 12 натпревари.
„Дефинитивно нема оправдување за моето однесување. Пред последниот свиреж направив грешка. Повторно му се извинувам на судијата и на сите што ги разочарав“, објави Рудигер на социјалните мрежи во неделата.
Германскиот репрезентативец во неделата стапил во контакт со Фелер и селекторот Јулијан Нагелсман.
„Разговаравме долго за ситуацијата. Имаше и внатрешна размена на мислења во рамките на Фудбалската федерација на Германија. Тони е одличен фудбалер, но како репрезентативец мора да покаже и класа во однесувањето. Со право бара почитување кон себе, но мора без исклучок да ја покажува таа почит и кон другите“, заклучи Фелер.
Според информациите на "SID", не се очекува Фудбалската федерација на Германија да го казни Рудигер.
Германија ќе биде домаќин на завршниот турнир на Лигата на нации. Полуфиналето ќе се игра на 4 јуни против Португалија, додека четири дена подоцна Германија ќе игра или финале во Минхен, или натпревар за третото место во Штутгарт.