"Land Rover Classic" официјално го претстави "Classic Defender V8 Works Bespoke Soft Top", рачно изработена верзија на легендарниот "Defender" со платнен кров и "V"8 мотор.
Ова е првиот "Defender" со мек кров што пристигнува директно од фабриката по 2016 година и е базиран исклучиво на пократката „90“ шасија (меѓуоскино растојание од околу 2.360 mm).
Секој примерок се изработува во погоните на тимот "Land Rover Classic", кој користи внимателно одбрани возила од периодот 2012 – 2016 година, целосно ги расклопува, реставрира и модифицира според современи механички и визуелни стандарди, притоа задржувајќи го оригиналниот карактер на возилото.
Возилото го придвижува 5,0-литарски атмосферски V8 бензински мотор кој развива 298 kW (405 КС) и 515 Nm вртежен момент. Силата се пренесува преку осумстепен автоматски менувач "ZF", а погон на сите тркала е стандардна опција.
Суспензијата и сопирачките се дополнително подобрени, со посебни приспособувања за оваа верзија – "Eibach" стабилизатори, "Bilstein" амортизери, како и "Alcon" четириклипни сопирачки со дискови од 335 mm напред и 300 mm назад.
Платнениот кров е специјално дизајниран за оваа серија од "Land Rover" и достапен е во четири бои: црна (стандардна), песочна, темно маслинеста и морнарско сина. Инспирацијата доаѓа од последниот "Defender" што излезе од производната линија во 2016 година.
Страничните и задните делови на кровот можат да се навиткаат за возење на отворено, а дополнителните точки за прицврстување обезбедуваат стабилност на кровот при повисоки брзини. За оние што сакаат уште поедноставна верзија, понуден е и помал „Bikini Hood“ што ги покрива само предните седишта.
Купувачите можат да изберат помеѓу 49 фабрички бои, а преку услугата „match-to-sample“ можно е креирање на целосно уникатни нијанси според личните желби. Тркалата се достапни како 16-инчни "Wolf" бандажи (во црна или боја на вар) или 18-инчни "Sawtooth" алуминиумски фелни.
Внатрешноста може да се персонализира со избор на 5 еднобојни или 8 двобојни кожни комбинации, меѓу кои се тоновите "Caraway", "Liberty Blue" и "Garnet". Дополнително, достапни се и необични додатоци како вграден ладилник за вино или држач за сурферска даска.
Цената за "Classic Defender V8 Soft Top" започнува од околу 230.000 евра без локални даноци. Секој примерок доаѓа со едногодишна гаранција без ограничување на километражата, а купувачите добиваат и поддршка од специјализирани тимови во Ковентри (Обединето Кралство) и Есен (Германија).