Загубен фосил во колекцијата на бразилски музеј ги криел одлично сочуваните остатоци на најстариот досега познат примерок на мравка.
Овој инсект, припадник на групата „пеколни мравки“, живеел пред 113 милиони години и имал необичен начин на убивање плен.
Праисториската мравка живеела во времето на диносаурусите, илјадници години пред научниците да претпостават дека мравките воопшто постоеле. Исклучителниот примерок бил откриен во фосилната колекција на Музејот на зоологија при Универзитетот во Сао Паоло, објави "CNN".
„Пеколната мравка“, чиј детално сочуван отпечаток бил пронајден во варовник во североисточен Бразил, припаѓа на Haidomyrmecinae – изумрено потсемејство кое живеело во кредниот период.
Овој древен вид имал специјализирани вилици слични на српови, кои најверојатно служеле за прободување на пленот, пишува "EurekAlert". „Нашиот тим откри нов фосил од вид на мравка што претставува најстар геолошки доказ за мравки досега. Она што ова откритие го прави особено фасцинантно е тоа што припаѓа на изумрените ’пеколни мравки‘, познати по својата бизарна предаторска адаптација. Иако припаѓа на древна лоза, овој вид има анатомски особености кои укажуваат на уникатно ловечко однесување“, изјави Андерсон Лепеко од Музејот на зоологија.
Според истражувачите, овие фосили би можеле да го променат разбирањето за еволуцијата на мравките и нивната биогеографија низ времето. Претходните најстари фосили од мравки беа пронајдени во Франција и Бурма, и беа сочувани во килибар – не во камен. Присуството на „пеколни мравки“ во Бразил покажува дека веќе биле распространети на повеќе континенти и дека рано започнале да се разликуваат еволутивно, нагласува тимот.
„Иако досега имавме ’пеколни мравки‘ сочувани во килибар, ова е првпат да ги визуализираме во камен фосил“, вели Лепеко.
The oldest #ant fossil known to science (113 million years old) discovered in Brazil. https://www.cell.com/current-biology/fulltext/S0960-9822(25)00308-2.
Current Biology
Posted by Cell Press on Thursday 24 April 2025
Со помош на микрокомпјутерска томографија – 3D технологија која користи рендгенски зраци за да погледне во внатрешноста на објекти, во овој случај мравката – истражувачите утврдиле дека новооткриениот вид е блиску поврзан со „пеколните мравки“ досега пронајдени во килибар во Мјанмар.
Најмногу ги изненадиле токму специјализираните карактеристики на апаратот за хранење на овие мравки.
„Иако очекувавме да најдеме препознатливи карактеристики на ’пеколните мравки‘, апаратот за хранење нè шокираше“, изјави Лепеко.
Брза еволуција на мравките
За разлика од современите мравки, чии вилици се движат странично, оваа древна вид имала вилици кои се движеле паралелно со главата, објаснуваат научниците.
„Откривањето на вакви анатомски специјализирани мравки од пред 113 милиони години ја руши претпоставката за тоа колку брзо овие инсекти развиле комплексни адаптации. Морфологијата ни покажува дека дури и најраните мравки имале развиени и софистицирани стратегии за лов, кои значително се разликуваат од оние кај денешните мравки“, истакна Лепеко.
Студијата е објавена во списанието "Current Biology".