Роналд Куман имаше доста специфичен и необичен мандат како тренер на Барселона, не само поради нецелосно добрите резултати, туку и поради фактот што го водеше тимот во ситуација кога во клубот се случуваше голема бура.
Холанѓанецот беше тренер додека во клубот се водеа претседателски избори, па во ситуација кога на крајот неговата работа заврши со отказ, легендарниот Роналд во изминатиот период испорача и низа „отровни стрели“ кон раководството на клубот предводено од Жоан Лапорта.
И покрај тоа што многумина не останаа водушевени од неговите тренерски квалитети, Куман беше човекот кој им даде шанса на голем број млади играчи кои сега блескаат во тимот на Ханси Флик, а тоа посебно важи за Педри, Гави и Балде.
– Мојата етапа во Барселона ја сметам за позитивна. Тоа беше тежок период да се биде во клубот поради различни причини. Понекогаш се чувствував премногу осамено, имаше период и кога немаше претседател поради изборите кои беа во тек. Беше доста комплицирано, но мислам дека завршив голема работа за клубот.
– Променив доста работи и им дадов шанса на млади играчи кои сега се многу важни и блескаат во Барса. Тоа се Педри, Гави и Балде. Исто така, шанса доби и Мингеза кој се игра одлично за Селта и добива повик за Шпанија, но и Нико кој направи трансфер во Манчестер Сити. Горд сум и задоволен што им дадов шанса за докажување на такви млади фудбалери, – вели Куман во интервјуто за „Марка“.