Секоја убава фудбалска бајка има свој почеток и свој крај, а таков е случајот и со неверојатната врска која ја имаа Џејми Варди и Лестер во изминатите 13 години.
После безброј неверојатни и незаборавни спомени на „Кинг Пауер“, историскиот голгетер и капитен на Лестер реши да се збогува со својот сакан клуб, одлука која самостојно ја донел после долго размислување, но и после ужасната сезона која ја имаа „лисиците“ во Премиер лигата.
38-годишниот Варди им се извини на навивачите на Лестер за катастрофалната кампања во англиската елита, а неколку дена подоцна, самиот соопшти дека става крај на незаборавното патување во кое стана и национален шампион.
– Ова траеше толку долго, што мислев дека никогаш нема да заврши…. Уништен сум што овој ден мораше да дојде, но сепак знаев дека сепак ќе дојде…..
– Минав неверојатни 13 години во овој клуб, имавме огромни успеси и тешки моменти, но најмногу ќе се паметат успесите. Уништен сум што морам да си одам, но мислам дека е вистинско време за тоа, – порача Варди кој до крајот на сезоната ќе ги одигра последните натпревари како член на саканиот Лестер.
Џејми постигна 24 погодоци во историската сезона 2015/16 во која Лестер стигна до титулата во Премиер лигата, а севкупно гледано, постигна 198 погодоци на 498 настапи во англиската елита.