Спортската јавност ширум светот остана шокирана од информацијата дека полската атлетичарка Маја Слоџинска (19) била исфрлена од репрезентацијата затоа што се занимавала со моделинг.
Спортската јавност беше во неверување кога се појави информацијата дека Полката Маја Слоџинска била исфрлена од атлетската репрезентација затоа што одлучила да се испроба како модел.
Имено, Маја доживеала повреда што ја оддалечила од атлетиката на одреден период, па решила да се пријави во популарното шоу „Top Model“.

Одлично ѝ одело и стигнала до полуфиналето, но не очекувала дека по враќањето во спортот ќе ја дочека толку непријатна атмосфера.
Маја е една од најталентираните скокачки во височина и настапувала за полската репрезентација сè додека не заработила дискус хернија.

По повредата решила да учествува во „Top Model“, а нејзиниот успех во спортските кругови бил дочекан негативно.
Таа отворено го изразила своето незадоволство поради целиот третман.

„Патот назад кон спортот по тешката повреда и учеството во „Top Model“ беше многу тежок. Постојано слушав дека сум избрала лесни пари, дека шоу-бизнисот ми го свртел мозокот и дека никогаш повеќе нема да се вратам на врвно ниво“, изјавила Слоџинска за полскиот „WP Sportowe Fakty“.
Таа признала дека целата ситуација многу лошо влијаела врз неа.

„Бев исфрлена од репрезентацијата. Морав сама да си ги плаќам тренинг-камповите, а ми дозволија да се вратам во тимот дури кога повторно ќе го достигнам потребното ниво на резултати. Ми се потсмеваа дека сум ја лажирала повредата само за да можам да учествувам во ријалити. Имав чувство дека луѓето околу мене веќе ме отпишале“, додала атлетичарката.
Открила и дека поради целата ситуација има проблеми со здравјето.

„Хормоните целосно ми полудеа, ништо не ми е под контрола. Во моментов имам премногу килограми за скок во височина; слабеам пред натпреварите, а потоа веднаш ги враќам. Освен тоа, страдам од ужасни менструални болки поради кои редовно паѓам во несвест“, рекла Слоџинска.
Младата Полка со своите 184 сантиметри висина и 60 килограми привлекла огромно внимание во светот на моделингот бидејќи има идеална градба за модел, но не и за скокачка во височина.
Особено внимание привлекла за време на „Top Model“, а од Париз добила понуда професионално да се занимава со моделинг — понуда за која сонува речиси секоја девојка.
Останува да се види дали Слоџинска ќе се одлучи за атлетиката или за моделингот и дали во Полска ќе зажалат за начинот на кој се однесувале кон младата атлетичарка.











