Потрес во Милано! Останаа без Лигата на шампионите, па веднаш го отпуштија целиот врв на клубот

Точка

25/05/2026

21:00

765

Големина на фонт

а а а

Од клубот порачаа дека планот бил враќање во Лигата на шампионите и стабилизација на тимот во самиот врв на Серија А.

Сезоната што долго време изгледаше ветувачка за Милан заврши на најлош можен начин. Поразот од Каљари во последното коло од Серија А ги уништи сите надежи за пласман во Лигата на шампионите и ја отвори вратата за големи промени во клубот.

Милан поголемиот дел од првенството го помина во борба за самиот врв на табелата и дури изгледаше како сериозен кандидат за Скудетото. Сепак, целосниот пад на формата во финишот на сезоната беше кобен за тимот, а поразот од 2:1 против Каљари ја претвори целата кампања во неуспех.

Посебна тежина на целата ситуација ѝ дава фактот што ниту Милан, ниту Јувентус нема да играат во Лигата на шампионите следната сезона, нешто што не се случило речиси 35 години. Откако натпреварувањето го доби денешното име Лига на шампиони, барем еден од овие два италијански гиганти редовно беше дел од европската елита.


Додека најголемите клубови во Серија А потфрлија, сензација приреди Комо, кој обезбеди историски пласман во Лигата на шампионите по само две сезони во највисокиот ранг на натпреварување. Клубот што до неодамна играше во пониските лиги, сега стигна до најголемата европска сцена.

По шокантниот крај на сезоната следуваше и брза реакција од управата на Милан. Клубот во официјално соопштение призна дека целите не се исполнети и дека сезоната е неуспешна.

Од клубот порачаа дека планот бил враќање во Лигата на шампионите и стабилизација на тимот во врвот на Серија А, но лошиот финиш целосно го поништил сето добро што било направено претходно во текот на сезоната.


Следуваше и голема реорганизација во спортскиот сектор. Милан одлучи да ги разреши од должност неколкуте клучни луѓе: извршниот директор Џорџо Фурлани, спортскиот директор Игли Таре, главниот тренер Масимилијано Алегри и техничкиот директор Жофри Монкада.

Во клубот нагласуваат дека е време за нов почеток и темелна реконструкција на спортскиот проект, а следниот период ќе биде клучен за одредување на идниот правец на еден од најголемите италијански клубови.