Психолог открива што навистина посакуваат мажите во една врска – и зошто ретко го кажуваат тоа гласно.
Прашањето како да се изгради успешна и стабилна врска е старо колку и самата љубов. За многу парови, тоа е процес на учење, прилагодување и разбирање. Но, иако често се зборува за емоционалните потреби на жените, ретко се поставува прашањето – што е она што мажите навистина го посакуваат во една врска, но ретко се осмелуваат да го побараат?
Психологот и креаторка на содржини Естер Сарфати, која споделува совети за љубов и односи на TikTok, тврди дека го има одговорот. Во едно од нејзините видеа, таа ја споделува својата проценка за најдлабоката емоционална желба на речиси секој маж – нешто што многумина не умеат или не се осмелуваат да го искажат.
Според Сарфати, она што најмногу го посакуваат мажите не е (како што често се претпоставува) исклучиво физичка блискост, туку – емотивна сигурност и прифаќање. Сакаат да знаат дека можат да бидат вистински отворени пред партнерката: да ги споделат своите стравови, слабости, неуспеси и несигурности, а сепак да бидат сакани и прифатени.
„Општеството од мажите очекува да бидат силни, рационални и секогаш подготвени да решаваат проблеми. Затоа најголемиот мир го наоѓаат тогаш кога се чувствуваат безбедно – кога имаат покрај себе жена која не ги осудува, туку ги разбира и ги прифаќа такви какви што се“, вели Сарфати.
Таа додава дека иако многу жени денес очекуваат нивните партнери да бидат емотивно отворени и свесни за себе, не секогаш се подготвени да се соочат со таа ранливост. Во моменти на конфликт, некои жени знаат да ги искористат тие интимни признанија против партнерот – што за мажите претставува длабоко предавство на довербата.
Еден од најголемите стравови, според Сарфати, е токму тоа: дека жената ќе ги сподели неговите доверливи мисли или стравови со своите пријателки – дури и со добра намера, како на пример барање совет – но за мажот тоа може да изгледа како предавство.
„Мажите не бараат безусловна љубов – тие бараат безусловно прифаќање. Тие сакаат да знаат дека можат да бидат свои, без маски, и дека и понатаму ќе бидат сакани. Тоа прифаќање ги потсетува на најчистата форма на љубов што можеби ја доживеале во детството – од нивната мајка“, истакнува таа.
Коментарите под нејзиното видео потврдуваат колку оваа тема ја погодува суштината.
„Конечно некој што разбира“, напишал еден маж.
Друг додал: „Сакаме најдобар пријател и љубовник во иста личност.“
Една жена споделила: „Мојот партнер ми кажува сè. Беше доволно храбар да ги сподели своите несигурности со мене. Никогаш не го осудував – го прифаќам целосно, таков каков што е.“
Секако, не постои универзална формула за среќна врска. Но она што е заедничко за многу мажи – и луѓе воопшто – е потребата да се чувствуваат автентично прифатени, слушнати и сакани без страв дека ќе бидат отфрлени поради својата ранливост.