Иако не претставуваат директна закана по здравјето, одредени индустриски произведени лебови со продолжен рок на траење имаат значително пониска хранлива вредност, а често содржат и низа адитиви и конзерванси чие влијание врз организмот не е сосема безопасно – предупредуваат нутриционисти.
На својот Инстаграм профил, нутриционистката Наташа Алексиќ го отвори прашањето што многумина си го поставуваат – што точно има во лебот што трае по неколку недели, а изгледа ист како првиот ден?
Што всушност јадеме?
– Кога купувате леб со продолжен рок, важно е да знаете дека тој најчесто содржи калциум пропионат (Е282), калиум сорбат (Е202) и други хемиски додатоци кои го спречуваат развојот на мувла – објаснува Алексиќ.
Иако овие адитиви се дозволени и се сметаат за „безбедни за употреба“, според неа, некои истражувања покажуваат дека при честа и прекумерна консумација, може да дојде до иритација на дигестивниот систем и нарушување на цревната микрофлора.
– Колку е подолг рокот на траење, толку повеќе E-броеви има на декларацијата: E281, E282, E202, E300… – предупредува таа.
Што е подобар избор?
Нутриционистката препорачува избегнување на ваквите производи и охрабрува консумирање на свежо подготвен леб од пекари, како и ферментиран леб од цело зрно.
Овие алтернативи, според неа, не само што имаат подобар вкус, туку и:
• Поголема хранлива вредност
• Подобро влијаат на цревната флора
• Содржат помалку или без адитиви
– Лебот треба да биде свеж, нутритивно богат и без вештачки додатоци. Ако може да стои на полицата со недели без да се расипе – треба да се запрашаме што всушност јадеме – заклучува Алексиќ.
Прочитајте ја декларацијата – и посегнете по подобра опција
Следниот пат кога ќе пазарите, фрлете поглед на состојките и размислете дали вреди да се избере „удобноста“ на рокот на траење или вредноста на она што го внесуваме во телото. Лебот е секојдневна храна – токму затоа квалитетот е поважен од квантитетот.