Витамините се есенцијални за нашето здравје, но дали знаете дека постојат два главни типа – растворливи во масти и растворливи во вода? Еве како се разликуваат и зошто е важно да ги разликуваме.
Зошто се важни витамините?
Витамините играат клучна улога во одржување на здравјето и нормалното функционирање на телото. Но, не сите витамини се исти – тие се разликуваат според нивниот хемиски состав, начинот на кој телото ги апсорбира и времето што го поминуваат во организмот. Некои се складираат и постепено се користат, додека други брзо се елиминираат и мора редовно да се внесуваат преку исхраната.
Витамини растворливи во масти
Овие витамини се апсорбираат заедно со мастите од храната и се складираат во црниот дроб и масното ткиво. Може да останат во телото со месеци, па затоа не е неопходно да се внесуваат секојдневно.
Кои витамини се растворливи во масти?
• Витамин А (ретинол): Поддржува добар вид, здрави коски и репродуктивно здравје. Се наоѓа во животински производи како црн дроб, путер и жолчка од јајце.
• Витамин D: Познат и како „сончев витамин“ – телото го произведува при изложување на сончева светлина.
• Витамин E: Моќен антиоксиданс што ги штити клетките од оштетување. Го има во растителни масла, јаткасти плодови, семки и зелен лиснат зеленчук.
• Витамин K: Важен за згрутчување на крвта, здравје на коските и спречување на таложење калциум во крвните садови. Го има во зелен лиснат зеленчук, а витамин К2 во ферментирани производи и храна од животинско потекло.
Витамини растворливи во вода
Овие витамини не се складираат во телото. Брзо се апсорбираат, но вишокот се излачува преку урината, па затоа е неопходно секојдневно да се внесуваат преку храна.
Кои витамини се растворливи во вода?
• Б-комплекс:
o Б1 (тиамин)
o Б2 (рибофлавин)
o Б3 (ниацин)
o Б5 (пантотенска киселина)
o Б6 (пиридоксин)
o Б7 (биотин)
o Б9 (фолна киселина)
o Б12 (кобаламин)
• Витамин Ц (аскорбинска киселина): Го зајакнува имунитетот, ја забрзува регенерацијата на ткивата и ја подобрува апсорпцијата на железо.
Овие витамини се наоѓаат во разновидна храна од растително и животинско потекло, како и во суплементи.
Зошто е важно да се прави разлика?
Разбирањето на разликата меѓу растворливите витамини е клучно за правилен внес и избегнување на дефицит или предозирање.
На пример:
• Недостаток на витамини растворливи во вода може брзо да се појави ако не се внесуваат редовно.
• Вишок на витамини растворливи во масти може да се акумулира во телото и да предизвика несакани ефекти, бидејќи не се излачуваат лесно.
Ако се сомневате дека ви недостасуваат витамини или пак внесувате премногу, крвна анализа може да помогне. Нутриционист или лекар ќе ви помогне да го прилагодите внесот според вашите потреби.