Водечката генетска компанија „Colossal Biosciences“ објави дека ги оживеала изумрените волци кои се прославија во серијата „Игра на тронови“.
Потпирајќи се на прецизниот генетски инженеринг и древната, зачувана ДНК, научниците го дешифрирале генот на овие волци (dire wolves). Тие го препишале генетскиот код на обичниот сив волк за да го усогласат, и користеле домашни кучиња како сурогат мајки, кои ги донеле на свет Ромул, Рем и нивната сестра, двомесечната Калиса – за првпат враќајќи вид кој одамна изумрел, пренесе Тајм.
„Нашиот тим зеде ДНК од заб стар 13.000 години и череп стар 72.000 години и создаде здрави младенчиња на застрашувачките волци“, рекол извршниот директор и коосновач на „Colossal“, Бен Лам.
Оваа компанија била основана во 2021 година и моментално вработува 130 научници, а овој волк не е единственото животно кое сакаат да го вратат. На нивната листа на желби за деекстинкција се наоѓаат и волнениот мамут, додото и танзанскиот тигар. Уште во март, компанијата ја изненади научната заедница со веста дека ископирала ДНК на мамут за да создаде волнено глувче, химерично животно со долго, златно крзно и забрзан метаболизам на маснотии како мамут.
Ромул и Рем се однесуваат како кученца: трчаат, се борат, гризаат во игра, се галат. Но, има нешто што ги одвојува, а пред сè тоа е нивната големина. Имено тие веќе на рана возраст имаат должина од речиси 1,2 метри и тежат 36 килограми, а би можеле да пораснат и до 1,8 метри и да тежат 68 килограми.
Интересно е и нивното однесување: ангелската живост што кученцата обично ја покажуваат во присуство на луѓе е целосно отсутна. Тие држат на дистанца и се повлекуваат ако некој им се приближи. Ниту еден од нивните згрижувачки родители, кои ги воспитувале од раѓање, не може премногу да им се приближи, а ова не е однесување на домашни кучиња, ова е однесување на диви волци.
Моќна вилица и импресивна големина
Овие предатори имале моќни вилици, така што лесно можеле да ги изгризат дури и големите коски на својот плен. Тие ловеле главно големи тревопасни животни. За жал, ниту едно од овие животни не успеало да се адаптира на променливиот свет кога завршил плеистоценот.
Лозата на страшни волци (Canis dirus) се одвоила од линијата на обични или сиви волци, пред околу 5,5 милиони години.
Тие биле најголемите и најмасовните од нивниот вид, а тежеле околу 70 килограми, што е повеќе од тежината на денешните сиви волци. Страшните волци ја населувале Америка и ловеле сега исчезнати претставници на мегафауната, како што се коњите од леденото доба или џиновските мрзливци.
„Многу луѓе ги гледаат страшните волци како митски суштества кои постојат само во светот на фантазијата, но во реалноста, тие имаат богата историја на придонес за американскиот екосистем“, истакнал Џорџ Р. Р. Мартин.