Поради најновите царини воведени од американскиот претседател Доналд Трамп, бројни светски компании решија привремено да ја прекинат испораката на производи во САД.
Трамп минатата недела воведе основна царинска стапка од 10 проценти на целиот увоз, а некои земји се соочуваат и со царини до 50 проценти. Многу производители се надеваат на договори со поповолни услови и решија да го стопираат извозот додека не се расчисти насоката на трговските преговори.
"Jaguar", "Land Rover" и "Range Rover": Пауза поради царините на автомобили
Компанијата "Jaguar Land Rover" (JLR) објави дека привремено ја прекинува испораката на возила во САД, додека се приспособува на новите царински услови. Сите увезени автомобили се соочуваат со царина од 25 проценти.
Станува збор за една од најголемите британски автомобилски компании, која само во третиот квартал од 2024 година извезе околу 38.000 возила во САД – бројка слична на збирниот извоз за Велика Британија и ЕУ.
„САД е клучен пазар за луксузните брендови на "JLR". Додека ги финализираме нашите планови со деловните партнери, во април привремено ги запираме испораките“, соопшти компанијата.
"Nintendo Switch 2" нема да стигне до Американците
Според "The Verge", "Nintendo" ја запре испораката на "Switch 2" за американскиот пазар, иако конзолата веќе може да се нарача. Конзолата се произведува во Јапонија, која сега се соочува со царина од 24 проценти.
Во соопштението, "Nintendo" наведува дека испораките се одложуваат додека компанијата го проценува потенцијалното влијание од новите царини и изменетите пазарни услови. "Switch 2" е официјално закажан за лансирање во јуни.
"Tonka Trucks", "Care Bears" и други хит играчки: Ништо додека Трамп не попушти
Американската компанија "Basic Fun", производител на популарни играчки како "Tonka Trucks", "Care Bears", "K’Nex" и "Lincoln Logs", изјави за "New York Post" дека целосно ја запира испораката на играчки произведени во Кина.
Кина веќе се соочува со царина од 20 проценти, а минатата недела Трамп најави дополнителни 34 проценти и се закани со уште 50 проценти ако Пекинг не ги повлече контрамерките. Теоретски, вкупната царина на кинеска стока би можела да достигне 104 проценти.
„Не можам да ризикувам да испратам стока која би можела да потпадне под екстремно високите царини што ги најавува претседателот“, изјави директорот Џеј Форман.