Истражувачи тврдат дека пронашле подземен град под пирамидите во Гиза – Дали ова откритие е револуционерно?

Точка

27/03/2025

11:19

2.450

Големина на фонт

а а а

Во последните денови се води жестока расправа меѓу египтолозите, откако некои истражувачи рекле дека пронашле „подземен град“ под пирамидите во Гиза. Дали ова откритие, засновано на радарски слики, е револуционерно или е „пренапумпано“?

Имено италијанските истражувачи, предводени од професорот Корадо Маланг од Универзитетот во Пиза, тврдат дека откриле огромна подземна мрежа под египетските пирамиди.

Тие тврдат дека радарските снимки покажуваат огромни вертикални шахти, спирални скали, канали кои потсетуваат на цевководи за воден систем и скриена мрежа од објекти на повеќе од 610 метри под површината. Тие дури сугерираат дека легендарната Сала на записи, наводната библиотека поврзана со староегипетското знаење, би можела да лежи во овој подземен комплекс.

„Кога ќе ги зголемиме сликите, ќе откриеме дека под нив се крие она што може да се опише само како вистински подземен град“, рекол тимот на прес-конференција.

Оваа огромна мрежа, како што рекле Маланга и неговиот колега Филипо Бионди, се спушта 2,1 км во песокот. Се смета дека таа претходела на пирамидите, кои биле изградени пред околу 4.500 години.

Тридимензионалните слики направени со технологија наречена радар со синтетичка бленда (SAR) покажуваат пет структури во подножјето на централната пирамида. Целта на овие структури е непозната, но геометриските премини ги поврзуваат.


Меѓутоа, сите експерти не се убедени од ова откритие. Експертот за радари, професорот Лоренс Конјерс од Универзитетот во Денвер ги нарече тврдењата „преувеличување“, велејќи дека технологијата што ја користеле – радарски импулси од сателити, слични на тоа како сонарниот радар се користи за мапирање на океанот – не може да навлезе толку длабоко во земјата.

Како што пренесе „Euronews“, тој изразил сомнеж во идејата за подземен град, но признал дека можат да се пронајдат помали структури под пирамидите, и нагласил дека „Маите и другите народи во античка Мезоамерика често граделе пирамиди на влезовите во пештерите или шуплини кои имале церемонијално значење за нив“.


Од друга страна и египетскиот археолог д-р Захи Хавас изјавил за „The National“ дека истражувачите грешат и рекол дека нивното наводно откритие нема научна основа.

Работата на професорот Маланга и неговите колеги Филипо Бионди и Армандо Меи беше дискутирана на брифинг во Италија минатата недела, но наодите на научниците сè уште не се објавени во рецензирано списание.

Тимот се фокусирал на пирамидата на Кафре, една од трите пирамиди во комплексот Гиза, заедно со пирамидите на Куфу и Менкауре. Се верува дека овие култни градби биле изградени пред околу 4.500 години и се наоѓаат на западниот брег на Нил во северен Египет.