Новата фотографија од вселенскиот телескоп „Hubble“ откри досега најјасен приказ на меѓуѕвезден објект кој моментално лета низ нашиот Сончев систем. На 21 јули, „Hubble“ сними неверојатна глетка од кометата наречена „3I/ATLAS“, која потекнува надвор од нашиот систем, додека се наоѓала на 445 милиони километри од Земјата, пишува „CNN“.
На фотографијата се гледа прашинест објект во форма на солза што го обвиткува леденото јадро на кометата. Јадрото е цврстото срце на кометата, составено од мраз, прашина и карпи. Кога кометите се приближуваат до ѕвезди како нашето Сонце, топлината предизвикува испарување на гасовите и прашината, создавајќи ги препознатливите опашки.
Овој познат телескоп е само еден од низата инструменти што ја следат кометата, првпат забележана на 1 јули. Објектот се движи со неверојатна брзина од 209.000 километри на час, што го прави најбрзиот објект што потекнува надвор од Сончевиот систем, а кој некогаш бил забележан како поминува низ него. Неговата брзина е еден од главните показатели дека станува збор за посетител од друг ѕвезден систем.
Новите набљудувања, како оние од „Hubble“, фрлаат повеќе светлина и врз големината на кометата. Се проценува дека нејзиното мало јадро, кое не може директно да се види, би можело да има пречник од само 305 метри до дури 5,6 километри. Научниците проценуваат дека кометата патувала низ меѓуѕвездениот простор милијарди години, при што гравитациското влијание на ѕвездите постепено ја забрзувало.
Мистерија за потеклото
Кометата е само третиот познат меѓуѕвезден објект забележан во нашиот Сончев систем, по „’Oumuamua“ во 2017 година и „2I/Borisov“ во 2019 година. Сепак, големите прашања за „3I/ATLAS“ остануваат нерешени, а на некои од нив можеби никогаш нема да добиеме одговор, вклучително и клучното – од каде точно дошла.
„Никој не знае од каде дошла кометата. Тоа е како да го видиш куршум од пушка на илјадити дел од секундата. Не можеш со никаква прецизност да го проектираш назад за да разбереш од каде го започнал своето патување“, изјави главниот автор на студијата, Дејвид Џевит, професор по астрономија на Универзитетот во Лос Анџелес.
Иднина на ловот на меѓуѕвездени објекти
Освен „Hubble“, кометата ја следат и други моќни телескопи како „James Webb“ и опсерваторијата „Keck“ на Хаваи, кои би можеле да откријат повеќе за нејзиниот хемиски состав. Се очекува објектот да биде видлив за телескопите од Земјата во текот на септември, по што ќе се приближи премногу до Сонцето за да може да се набљудува.
Иако доаѓањето на кометата е случајност, таквите посети не се реткост – повеќето едноставно не ги гледаме. „Меѓуѕвездените објекти всушност постојано поминуваат низ Сончевиот систем, особено помалите, кои се побројни“, објасни Метју Хопкинс, автор на посебна студија за објектот. Астрономите со нетрпение очекуваат новата опсерваторија „Vera C. Rubin“, која неодамна започна со работа, значително да го зголеми бројот на откриени меѓуѕвездени објекти. Се проценува дека во следните 10 години би можел да забележи помеѓу пет и 50 такви објекти.
„Овој последен меѓуѕвезден турист е еден од досега неоткриената популација на објекти што се појавуваат. Тоа сега е возможно бидејќи имаме моќни можности за снимање на небото, кои порано не ги имавме“, заклучи Џевит.