23 март. Седум дена по трагедијата во Кочани, тој 16 март кој го обои во црно небото над нашата татковина.
Првичниот шок помина, останаа болката и молкот во сите нас, како отворена рана на која ќе ѝ треба многу, многу време да зарасне.
Остануваат и молитвите упатени нечујно до фамилиите чии животи никогаш повеќе нема да се исти, како и за оние кои заминаа таму некаде – на едно подобро место, каде што злото овојпат нема да допре до нив.
На точно една недела од оваа загуба, на своите социјални мрежи се огласи и актерот Игор Џамбазов, кој со болка и треперење во гласот ја испеа „Ако утре ме нема“, песната на ДНК која, за жал, ја одбележа и нивната кобна судбина.
„Песнава ме прогонува. Со денови наназад, ми дише во врат. Како потстанар да ми е во мозокот. Како краста што не зараснува. Како доказ за бесмисленоста на животот. Како опомена за идните генерации. Почивајте во мир деца наши…“ напиша Џамбазов.
„Ако утре ме нема“ е песна од ДНК и Оркестарот на Џамбо Агушев снимена во 2022 година, која беше хит и бендот ја изведуваше на нивните концерти и настапи.
Андреј Ѓорѓиески, пејачот на песната тапанарот Ѓорѓи Ѓоргиев, басистот Александар Коларов, клавијатуристот Филип Стевановски, придружниот вокал Сара Пројковска, битбоксерот Мартин Атанасовски и тонецот на бендот Игор Велков се оние членови на бендот кои не успеаја да се спасат во трагичниот пожар во дискотеката „Пулс“.
Младиот гитарист на ДНК, Горан Тонев, Панчо и Ана Костадиновска се тројцата преживеани.