За жал, не живееме во свет без војни, глад, болести и несреќи. Соочени со реалноста, особено во последните неколку години, на многумина им е тешко да останат смирени и прибрани.
Познатата психотерапевтка Естер Перел која повеќе од 30 години ги советува луѓето кои имаат проблеми со љубовта, неверството, тагата и осаменоста, беше гостинка во поткастот на „Њујорк магазин“ и откри седум начини да останете смирени кога ви се чини дека светот се распаѓа.
1. Дозволете си да бидете во шок
Првото нешто што треба да направите е да одвоите малку време и да оставите сè да се смири. Перел објаснува дека нашата прва реакција е целосен шок, што доведува до емоционална вкочанетост, потоа страв и длабока тага. Во овие моменти мора да си дозволиме да го преболиме шокот и дури потоа да реагираме.
2. Не напаѓајте веднаш
Има толку многу различни мислења и гледишта за секој конфликт на оваа планета и тоа се случува векови наназад. Важно е да се запамети дека ако сретнеме некој кој не ги дели нашите верувања и ставови, не треба веднаш да заземеме позиција на борба и контранапад, бидејќи со тоа дополнително ќе ја искомплицираме ситуацијата.
3. Доживејте ја траумата „колективно“
„Мислам дека сочувството е исклучително важно во вакви времиња“, објаснува Естер Перел. Важно е да си дадеме до знаење дека сме тука, присутни, слушаме, сочувствуваме, гледаме…
4. Слушајте ги другите луѓе
Перел, исто така, предлага „да слушате“ и „да не се обидувате да ги осудувате“ другите луѓе. „Можеме да влеземе во политички дискусии. Знаеме каква е приказната. Ние сме еден куп информирани луѓе, но не е време да ја играме играта „чии информации се подобри“.
5. Бидете проактивни
„Она што генерално многу помага е луѓето да се активираат, да направат нешто за да не се чувствуваат бескорисно“, рече таа. „Волонтирај, помагај, комуницирај со луѓето, предупредувај ги, информирај ги, читај внимателно, дури и содржини што не ја поддржуваат само твојата страна од приказната“, предлага Перел.
6. Бидете внимателни со социјалните мрежи
Перел, исто така, предлага внимателно да се користат социјалните медиуми, бидејќи пораките честопати се погрешно интерпретирани. Наместо тоа, таа предлага да разговарате со луѓето за ситуацијата но не преку пораки. Таа истакнува: „Луѓето немаат каде да тагуваат, немаат со кого да разговараат, иако се изложени на огромна количина на информации на социјалните мрежи и пријатели кои се онлајн. Кога се разговарате на социјалните мрежи, тоа е само „делумна врска“. Под вистинска врска се подразбира само физичката“.
7. Избегнувајте преоптоварување со информации
Како што објаснува Естер Перел, овде се работи за деликатна рамнотежа помеѓу потребата да се биде информиран и да се биде преплавен со слики од судниот ден. Ако сте ги прочитале информациите и сте ја виделе фотографијата, немојте повторно да се враќате на неа или на нив