Шпанка добила отказ затоа што доаѓала порано на работа – случајот ја подели јавноста

Точка

11/12/2025

09:23

1.096

Големина на фонт

а а а

Работничка во Шпанија, чиј идентитет не е објавен, добила отказ затоа што пристигнувала во деловната канцеларија 40 минути порано. Пред отказот била повеќепати усно и писмено предупредена дека треба да доаѓа во 7:30 часот, кога започнува работното време.

Станува збор за 22-годишна жена која работела во логистика, а последните две години доаѓала пред почетокот на работното време. Барем 19 пати била предупредена да не го прави тоа бидејќи шефот го сметал ова за повреда на деловните прописи. Освен тоа, работодавецот ја обвинил работничката дека продала половен акумулатор од службено возило без одобрение од компанијата.


Сепак, работничката поднела жалба пред судот во Аликанте, сметајќи дека неоправдано добила отказ. Судот пресудил во корист на работодавецот, заклучувајќи дека проблемот не бил во нејзината „претерана точност“, туку во тоа што упорно одбивала да се придржува до прописите, што претставува сериозно прекршување на Член 54 од шпанскиот Закон за работни односи.

Шпанската јавност е поделена околу овој случај, додека експертите напоменуваат дека компаниите мора да ги спроведуваат правилата за работното време. Можно е работничката да поднесе жалба до Врховниот суд во Валенсија.