"Tesla"објави повлекување на сите 46.096 испорачани примероци од "Cybertruck" поради проблем со надворешните панели кои можат да се одвојат за време на возење. Проблемот се однесува на украсната лента на покривот, која е прицврстена исклучиво со лепило, што се покажало како непостојано и подложно на оштетување поради влијанието на околината.
Со ова, "Cybertruck", долгоочекуваниот електричен пикап на "Tesla", се соочува со нов безбедносен проблем кој се додава на веќе долгата листа. Ова е осмо повлекување на моделот од почетокот на испораките во крајот на 2023 година. Сето ова се случува во време кога компанијата на Илон Маск се соочува со големи предизвици – пад на продажбата и критики за нејзините возила.
Лента што се одвојува при возење
Причината за повлекувањето на сите произведени "Cybertruck" возила е „cant rail“, не’рѓосувачка украсна лента што се протега од долниот раб на шофершајбната, долж покривот над прозорците, до задните врати. "Tesla" наведува дека лентата била прицврстена исклучиво со конструкциско лепило, но тестирањата покажале дека тоа лепило може да попушти под влијание на околината, што може да доведе до нејзино одвојување за време на возење.
Погледнете го видеото во кое е демонстрирано зошто сите Cybertruck возила се повлекуваат:
За решавање на проблемот, "Tesla" ќе користи поотпорно лепило и дополнително ќе го зајакне спојот со заварување на челичен клин, кој ќе биде прицврстен со матица за структурата на возилото.
Проблем што не може да се реши со софтвер
За разлика од многу претходни повлекувања на "Tesla" возила, овој проблем не може да се реши со софтверско ажурирање. Сопствениците ќе мора физички да ги однесат своите возила во овластен сервис, каде што делот ќе биде заменет и дополнително зајакнат.
"Tesla" првпат дознала за проблемот во јануари 2025 година, кога при внатрешна анализа бил забележан случај на делумно одвојување на панелот. Наскоро пристигнале уште 151 пријава за истиот проблем во рамките на гаранцијата.
Истражувањето покажало дека грешката може да биде присутна кај околу 1% од сите 46.096 возила, но повлекувањето ги опфаќа сите возила испорачани од 13 ноември 2023 до 27 февруари 2025 година.
Сите возила произведени пред оваа измена, но сè уште неиспорачани, ќе бидат ретроактивно поправени пред да им бидат предадени на купувачите.
Серија проблеми од лансирањето
"Cybertruck" од самиот почеток се соочуваше со бројни контроверзии и технички проблеми. Претходните повлекувања вклучуваа олабавени панели на товарниот простор, губење на погон, како и различни софтверски и автономни проблеми.
Иако дел од нив беа решени со далечински ажурирања, овој проблем бара механичка интервенција и однесување на возилото во сервис.
Во меѓувреме, корисници на "Reddit" и други форуми веќе со месеци пријавуваат слични проблеми со панелите што се одвојуваат, а еден од најраните случаи се појавил пред девет месеци.