Иако поминаа речиси две децении од култните рани епизоди на серијата „Вовед во анатомија“, актерката Елен Помпео сè уште со непријатност зборува за сцената што ниту таа ниту многу обожаватели никогаш не ја заборавиле – и тоа не со добра причина.
Во неодамнешното гостување на популарниот поткаст „Call Her Daddy“, Помпео се осврнала на сцената од втората сезона на серијата, во која нејзиниот лик Мередит Греј спие со Џорџ О’Мали, кој го толкувал нејзиниот близок пријател Т.Р. Најт. „Т.Р. и јас сме навистина, многу добри пријатели“, ѝ рекла Елен на водителката Алекс Купер. „И моравме да снимаме секс сцена. Плачевме и двајцата. Плачевме“, додала актерката.
„Ниту тој, ниту јас не го сакавме тоа“
Сцената сместена во втората половина од втората сезона ја прикажува Мередит, скршена поради невозвратена љубов од Дерек Шеферд (Патрик Демпси), која импулсивно одлучува да спие со Џорџ. За време на сексот Мередит почнува да плаче, а Џорџ, кој со години бил вљубен во неа, повреден заминува од собата.
„Беше толку непријатно и незгодно. Тој не сакаше да го направи тоа, а ниту јас не сакав“, признала Помпео. „Кога го снимавме тоа, беше навистина лошо. Но, вистинската непријатност дојде по снимањето“.
„Тоа беа вистински солзи“
Како што се присетила Елен, телевизиската мрежа им кажала дека во сцената имало „премногу движења“. „Во најлошиот кошмар мораш тоа да го направиш еднаш, но ние моравме повторно да снимаме. Моравме да го направиме тоа двапати“, рекла таа низ смеа.
Единствена утеха во целата приказна, како што рече Помпео, е фактот што таа сцена никогаш не ја гледала. „Никогаш не сум ја гледала“. „Не знам како била снимена, како била монтирана, но знам дека плачев во текот на целата сцена. Тоа беа вистински солзи“, признала актерката.
Помпео, исто така, рекла дека не ѝ е лесно да се потсетува на раните моменти од љубовната приказна на Мередит, особено култната сцена во која Мередит го моли Дерек да ѝ даде шанса иако тој во тоа време бил оженет со Адисон Монтгомери (Кејт Волш). „Кога денес ќе го погледнам сето тоа, помислувам само едно: „Девојко, збогум“, се пошегувала Елен.