[ФОТО] Кафуле во Србија забрани лаптопи: „Ние сме кафуле, а не канцеларија“

Точка

19/03/2025

21:37

1.503

Големина на фонт

а а а

Популарниот белградски синџир на кафулиња „Coffee Dream“ донел одлука која предизвика бурни реакции на социјалните мрежи. Имено, тие ја забраниле употребата на лаптопи во нивните објекти, а овој нивен потег предизвика поделени мислења.

Додека едни ја поддржуваат нивната одлука, други ја критикуваат, сметајќи дека таа ја ограничува слободата на гостите.

Една корисничка на „LinkedIn“ ја искритикувала забраната за користење лаптопи.


„Забрана за употреба на лаптопи во Coffee Dream – дали ја донесовте оваа одлука и за кафулето на улицата Милутин Миланковиќ, каде што 90% од гостите доаѓаат од ИТ компании? Дали сте размислувале за луѓе кои имаат потреба да се социјализираат или за оние кои имаат анксиозност и треба да ја напуштат куќата, но немаат канцеларија? Да бевте малку попаметни, наместо ова, ќе направевте подобра стратегија наместо да си го намалувате бројот на клиенти. Ова само кај нас постои“, напишала таа покрај фотографијата која ја прикажува забраната што ја воведе кафулето.

„Ние сме кафуле, а не канцеларија“

„Доколку сакате да користите лаптоп, ве молиме консултирајте се со келнерите, кои ќе ве упатат на масите за нивна употреба. Бројот на места е ограничен. Ние сме кафуле, а не канцеларија“, порачаа од кафулето.


Објавата на корисничката на „LinkedIn“ привлече голем број коментари. Некои коментирале дека со овој потег синџирот ќе изгуби лојални клиенти, додека други рекле дека кафулето ќе изгуби приходи. Една корисничка напишала дека троши по 25 евра во кафуле додека го користи својот лаптоп.

Од друга страна некои ја поддржаа забраната, коментирајќи дека кафулињата не се работни места и дека луѓето кои седат на маса со часови и нарачуваат само едно кафе претставуваат загуба за бизнисот.

„Кафулињата не се места за работни состаноци“

Други корисници истакнале дека кафулињата не се места за работни состаноци.


„Едно е да се оди таму на состанок и да се отвори лаптоп на 15 минути, а друго е кога некој седи таму цело работно време со вклучен лаптоп. Повеќе пати видов гости во кафулиња кои имаа конференциски повици, кои ги вознемируваат луѓето кои дошле да се напијат кафе на мир. Масите во кафулињата на CoffeeDream се мали и не се дизајнирани за сериозна работа. За да ги соберат лаптопот, кафето, водата – ви требаат најмалку две споени маси. Се обидов да работам таму – тоа беше измачување“, напиша еден поранешен гостин на кафулето.

„Ова не е пракса само кај нас – вакви одлуки се носат и во Европа и во САД“, беше друг коментар во одбрана на одлуката.