Еден корисник на социјалните мрежи објави вирално видео на Инстаграм во кое објасни дека патувал од Велика Британија до Мароко само за да се потстрижи – и тоа било поевтино отколку да посети фризер во неговата земја.
Во снимката која стана вирална на социјалните мрежи со повеќе од 7,8 милиони прегледи, корисникот „@briaklii“, чие вистинско име е Хамза, влегува во берберница во Обединетото Кралство и прашува колку чини потстрижувањето. Одговор – 36,50 фунти (43,60 евра).
Неговата следна мисла не била да побара поевтин фризер, туку да резервира лет за Мароко, кој го платил 15 фунти или 17 евра. Во видеото тој рече дека цената е „луда“, па отишол со воз до аеродромот Стенстед, кој го чинел 3 фунти (околу 3 евра).
Потстрижување во Мароко – 2 евра
„Попрво ќе земам лет од 15 фунти на Ryanair до Мароко и дефинитивно ќе потрошам помалку од 36 фунти за проклетото потстрижување“, рекол тој.
За среќа на Хамза, неговите роднини живеат таму, а откако ги посетил, отишол да се потстрижи, што го чинело нешто помалку од 2 евра. Вкупно патувањето и потстрижувањето го чинело нешто повеќе од 20 фунти (23 евра), па неговиот подвиг вредел. Сепак, треба да се спомене дека тој имал бесплатно сместување и превоз од аеродромот, што секако му помогнало да ги намали трошоците.
Неговото видео предизвика поделени мислења, а иако повеќето коментираа дека трошоците за живот во Британија се навистина високи, други му порачаа дека требало да бара поевтина услуга во Лондон.