Италијански весник започнал едномесечен експеримент со содржина креирана со помош на вештачка интелигенција

Точка

19/03/2025

17:53

520

Големина на фонт

а а а

Италијанскиот дневен весник „Il Foglio“ во вторникот го објави своето прво издание со содржина генерирана со помош на вештачка интелигенција, експеримент кој ќе трае еден месец.

За разлика од традиционалната верзија на десет страници, изданието создадено со вештачката интелигенција, наречено „Il Foglio AI“, има четири страници, а оваа верзија е достапна и онлајн.

Првото издание било бесплатно дистрибуирано заедно со стандардното издание кое на киосците се продава за 1,80 евра.


Планирано е програмите за вештачка интелигенција да генерираат наслови, да составуваат резимеа и да избираат клучни цитати.

„Ние новинарите само ќе поставуваме прашања“, напиша весникот и додаде дека новинарите ќе ги разгледаат сите одговори.

Целта на експериментот е да се „трансформира вештачката интелигенција од гасовита состојба – која ја претставува теоријата – во цврста состојба, каде што ќе стане практична и употреблива“.

На крајот од овој експеримент, уредничкиот тим планира да сподели какво било неговото влијание врз нивниот начин на работа.


Основан дури во 1996 година, „Il Foglio“ е еден од помалите национални дневни весници во Италија.

Според весникот, „Il Foglio AI“ е првиот печатен весник во светот создаден целосно со помош на вештачка интелигенција.

На интернет веќе има голем број портали кои експериментираат со страници создадени исклучиво со помош на технологијата за вештачка интелигенција.