Алжирската боксерка Иман Хелиф не е загрижена за изјавите на Доналд Трамп на нејзина сметка и истакнува дека ќе ја брани титулата олимписка шампионка на Игрите во Лос Анџелес 2028 година.
Алжирката на Олимписките игри во Париз минатото лето беше обвинета дека е маж, а Трамп во август ја нарече транс лице, додека, како претседател, донесе одлука дека транс-лицата не смеат да се натпреваруваат во женска конкуренција.
„Ќе ви дадам директен одговор, претседателот на САД донесе одлука која се однесува на трансродната политика во Америка. Јас не сум трансродна личност. Тоа не ме загрижува ниту ме плаши. Тоа е мојот одговор. Втор златен медал? Се разбира. Во Америка, во Лос Анџелес“, изјави Алжирката.
Хелиф, која во август поднесе тужба за онлајн злоупотреба против Маск и Роулинг, откри дека „големата медиумска кампања“ длабоко ја погодила психички и дека нејзината мајка дури завршила во болница, а членовите на нејзиното семејство секојдневно биле на мета на брутални напади.
Бурата настана по одлуката на МОК да ги отфрли тестовите на крвта кои сега се дискредитирани од страна на "IBA", поради кои Хелиф и Лин беа дисквалификувани од Светското првенство 2023.
„Како што велиме во Алжир, оние кои немаат што да криjат не треба да се плашат. Вистината излезе на виделина по Олимписките игри во Париз – неправдата беше откриена и подоцна, вистината беше потврдена. Што се однесува до мене, јас се гледам себеси како девојка, како и секоја друга девојка. Родена сум како девојка, одгледана како девојка, имам сè во животот како девојка. Се натпреварував на бројни турнири, вклучувајќи ги Олимписките игри во Токио и на други големи натпревари, како и на четири светски првенства. Сето тоа се случи пред да почнам да победувам и освојувам титули. Но, кога започнав да постигнувам успеси, започна кампањата против мене“, истакна Хелиф.