"Tesla" исфрлена од саемот за автомобили во Ванкувер

Точка

19/03/2025

10:49

5.910

Големина на фонт

а а а

"Tesla" е отстранета од списокот на учесници на годинешниот Меѓународен саем за автомобили во Ванкувер поради загриженост за безбедноста, потврди извршниот директор на настанот. Ерик Никол изјави дека организаторите го замолиле производителот на електрични автомобили да се повлече поради „примарна грижа за безбедноста на работниците, посетителите и изложувачите“.

Додаде дека "Tesla" добила повеќе можности за доброволно повлекување, но конечната одлука била донесена за сите учесници да можат целосно да се фокусираат на позитивната содржина на настанот. Саемот, кој се одржува во "Vancouver Convention Centre", започнува денеска и трае до недела.

Протестите против "Tesla" и Маск ескалираат

Оваа одлука доаѓа во екот на протестите „Tesla Takedown“, кои изминатиот викенд беа одржани во Отава и Ванкувер. Протестантите го критикуваа извршниот директор на "Tesla", Илон Маск, поради неговата поврзаност со американскиот претседател Доналд Трамп, кој предизвика незадоволство во Канада со изјавата дека земјата треба да стане 51. сојузна држава на САД.

Дваесетина демонстранти во неделата се собраа пред салон на "Tesla" во Сари, ден по сличен протест во Ванкувер. Носеа транспаренти со пораки како „Илон, оди си“ и „Демократијата умира“.

Пат МекКачон, еден од демонстрантите, изјави дека организаторите на саемот донеле правилна одлука со отстранувањето на "Tesla".


„Со оглед на актуелната ситуација, очигледно е дека има голем број луѓе кои се незадоволни од "Tesla" и Илон Маск“, рече МекКачон.

Тој додаде дека не слушнал ништо за можни протести на самиот саем, но нагласи дека постои „голема доза емоции“ поврзани со "Tesla".

„Последното што организаторите го сакаат е вандализам или конфликт. Мислам дека постапија правилно“, заклучи тој.

Најавени нови протести

МекКачон најави нов протест пред салон на "Tesla" во Лангли овој викенд.

„Илон Маск го користи своето огромно богатство за да манипулира со демократијата и да ги оствари своите интереси. Граѓаните во САД, Канада и низ светот мора да му застанат на пат“, порача тој.

Во меѓувреме, властите во Британска Колумбија донесоа одлука да ги исклучат возила на "Tesla" од програмата за субвенции за електрични автомобили. Оваа мерка е дел од настојувањата на провинциската влада да го поттикне купувањето на домашни производи и, каде што е можно, да ги исклучи американските брендови од субвенции, во рамки на трговскиот конфликт помеѓу Канада и САД.

Протести и во САД

Протестите против "Tesla" и Маск се шират и низ САД. Американците изминатата недела јасно ставија до знаење дека не ја поддржуваат компанијата и нејзиниот извршен директор, особено поради неговото поврзување со Трамп и контроверзните политички ставови.

Првично протестите беа мирни, но подоцна прераснаа во насилство и уништување имот.

- Во Колорадо, 42-годишна жена беше уапсена откако испиша „Нацист“ со спреј на знак на салон на "Tesla" и фрлаше молотови коктели внатре.

- На почетокот на март, седум "Tesla" станици за полнење беа запалени во Масачусетс.

- Во Портланд, беше отворен оган врз салон на "Tesla" – испукани се најмалку седум куршуми, оштетувајќи три возила и кршејќи прозорци.

- Во Њујорк, протестите пред изложбен салон на "Tesla" на Менхетен доведоа до апсење на шест лица, додека повеќе од 350 лица учествуваа во демонстрациите.

- Во Мериленд, по протестите беа пронајдени графити со пораки „No Musk“ и симбол налик на свастика на салон на "Tesla".

Протестите влијаеја и врз сопствениците на Тесла, од кои некои дури ги оштетиле своите сопствени возила во знак на револт.

Американски сенатор се откажува од "Tesla"

Марк Кели, демократски сенатор од Аризона, изјави дека ќе се ослободи од својата "Tesla" и директно го нападна Маск:

„Кога го купив ова возило, не мислев дека ќе стане политичко прашање. Но, секој пат кога влегувам во автомобилот во изминатите 60 дена, се потсетувам колку штета и прават Илон Маск и Доналд Трамп на нашата земја“, рече тој во видео-изјава.

„Илон Маск испадна с*рко, а јас “,не сакам да возам автомобил што го дизајнирал и направил с*рко“, додаде Кели.