Повеќето возачи секојдневно ги гледаат, но ретко кој знае за што всушност служат црните точки долж рабовите на ветробранското стакло.
Иако постојат разни теории дека имаат врска со антена, сензори или електроника, нивната функција е многу попрактична.
Станува збор за таканаречена фрит-лента, посебен слој црна боја кој е втопен во стаклото. Нејзината основна улога е да го подобри прилепувањето на лепилото со кое шофершајбната е споена со каросеријата, со што се обезбедува цврстина и долготрајност на спојот.

Точкестиот премин не е тука само поради изгледот. Производителите го користат за визуелно да го ублажат преминот меѓу црната лента и проѕирниот дел од стаклото, но и поради важна техничка причина.
Имено, црниот дел од стаклото се загрева побрзо од остатокот од површината, па точките овозможуваат постепен премин на температурата.

Со тоа се намалува ризикот од деформации и напрегање на стаклото поради големи температурни разлики, особено за време на летните горештини или зимското одмрзнување.
Кај некои автомобили оваа точкеста зона е проширена и на средниот горен дел од шофершајбната, помеѓу штитниците за сонце, каде дополнително служи како заштита од силните сончеви зраци.
Значи, тие мали црни точки не се никаков украс – тие имаат важна улога во безбедноста, издржливоста и комфорот при возење.







