Сферопулос погрешно протолкува скандирање на фановите на Звезда, па се посрамоти на пресот

Дерби

14/03/2025

13:31

262

Големина на фонт

а а а

Црвена Звезда вчера одигра евролигашки натпревар со драматична завршница против Олимпија Милано и на крајот загуби пред своите фанови во белградска „Арена“.

Гостите од Италија, во чии редови не настапи повредениот Нено Димитријевиќ, беа поприсебни во финишот и ја однесоа важната победа, а тренерот Јанис Сферопулос во целата нервоза направи и сериозен гаф на прес-конференцијата по мечот.

Предводникот на „црвено-белите“ бил изнервиран поради тоа што мислел дека домашните фанови скандираат „Дубаи, Дубаи“, алудирајќи на пласман на фајнл-фор турнирот на Евролигата.

Српските медиуми потенцираат дека фановите всушност скандирале „Пумпај, пумпај“, слоганот кој е препознатлив за актуелните студентски протести кај нашиот северен сосед, а за целата ситуација да биде побизарна, Ф4 турнирот ќе се игра во Абу Даби, а не во Дубаи.

– Навивачите скандираа „Дубаи, Дубаи“, но тоа не е реално.

– Одиме чекор по чекор, како можеме да збориме за Ф4, кога оваа екипа досега нема победа во плејоф фаза на Евролигата. И јас сакам да бидам Формула 1 возач, – рекол Сферопулос.