Олмо: Ја одбив Хрватска и не ми е жал

Макфакс

14/03/2025

10:43

483

Големина на фонт

а а а

Шпанскиот фудбалер Дани Олмо проговори за времето поминато во Динамо, како и за можноста што ја имал да добие хрватско државјанство.

Фудбалскиот сојуз на Хрватска му понуди шанса на Олмо да игра за националниот тим во 2017 година.

Олмо на крајот одби и играше за Динамо пет и пол сезони, до 2020 година кога беше продаден во Лајпциг за 34 милиони евра.

„Играв за Динамо и во 2017 година ме повикаа во Хрватскиот фудбалски сојуз. Ми понудија државјанство и можност да играм за Хрватска. Сакаа да играм за нив на Светското првенство во 2018 година. Понудата на Хрватска во тој момент ми нудеше поголема сигурност за мојата иднина“, рече играчот на Барселона и дополни.

„Бев многу среќен кога видов дека Хрватска стигна до финалето на Светското првенство 2018 година, но во ниту еден момент не зажалив што ја одбив поканата на Хрватска, ниту помислив дека сум направил погрешен избор. Во тоа време играв за шпанската младинска репрезентација и мојата желба беше да играм за сениорите“.

Олмо има одлични резултати со шпанската репрезентација.

Прво го освои Европското првенство до 21 година со младинската репрезентација, потоа го освои златото на Олимписките игри, а минатото лето со сениорите стана европски првак.