Мајк Тајсон беше познат по својата храброст и бескомпромисна борба, но постои еден боксер од кого дури и „Челичниот Мајк“ се плашел и со кого никогаш не сакал да влезе во рингот.
Станува збор за легендарниот Џорџ Форман, човекот кој се бореше со Џо Фрејзер и Мухамед Али, а кој во 1987 година се врати во рингот на 38-годишна возраст.
Нереализираниот меч меѓу Форман и Тајсон
Во 1990 година имало во преговори за борба, но никогаш не дојде до договор.
Набргу потоа, Тајсон беше осуден за силување и заврши во затвор, додека Форман во 1994 година стана светски шампион во тешка категорија.
Боби Гудмен, помошникот на познатиот боксерски менаџер Дон Кинг, во интервју за „Boxing Scene“ откри што се случувало зад кулисите во обидот да се организира дуелот.
„Дон и јас се обидовме да ја договориме борбата. Го уверувавме Тајсон дека Форман е стар и бавен, и дека ќе заработи многу пари. Тајсон стана и почна да вика: ’Нема да се борам со таа е*ена ѕверка! Ако ти толку сакаш, ти бори се!‘“, открива Гудмен.
Од друга страна, ниту Форман не бил премногу заинтересиран за борба со многу помладиот и експлозивен Тајсон.
„Тој беше ноќна мора во рингот. Не сакав да имам ништо со него. Беше ѕвер. Ако не те погоди со левата или десната рака – ќе те гризне! Нема шанси да се борам со него!“, изјавил Форман за "ESPN".
Најмладиот и најстариот шампион во тешка категорија
Форман и Тајсон остануваат две од најголемите имиња во историјата на боксот.
Џорџ Форман е роден на 10 јануари 1949 година во Тексас и освои златен медал на Олимписките игри во 1968 година.
Неговата професионална кариера траеше 28 години и 4 месеци, завршувајќи со импресивен скор од 76 победи и 5 порази, при што 68 победи беа со нокаут.
Првата титула во тешка категорија ја освои на 24 години, а повторно стана светски шампион на 45 години, што го прави најстариот шампион во историјата.
Титулата ја освои со нокаут во втората рунда против дотогаш непоразениот Џо Фрејзер.
Двапати го бранеше шампионскиот појас, пред да го доживее првиот пораз од Мухамед Али во легендарната борба „Rumble in the Jungle“.
Мајк Тајсон е роден на 30 јуни 1966 година во Бруклин, Њујорк и дебитираше како професионален боксер во 1985 година.
Неговата кариера траеше 39 години и 8 месеци, при што оствари 50 победи и 7 порази, од кои 44 победи беа со нокаут.
Во 1986 година, на само 20 години, стана најмладиот светски шампион во тешка категорија во историјата.
Двајцата боксерски великани влегоа во Меѓународната боксерска куќа на славните – Форман во 2003 година, а Тајсон во 2011 година.