Обожавателите на Шрек можат да се радуваат бидејќи петтиот дел од овој сакан филм е официјално во подготовка. Се очекува кината да бидат преполни кога филмот ќе се појави на големото платно пред Божик 2026 година. Но, додека не ја добиеме конечната верзија на филмот, ќе мора трпеливо да ги чекаме трејлерите кои „DreamWorks“ претпазливо ги објавува.
Првиот ваков трејлер пристигна минатата недела, а веќе предизвика бурни реакции кај обожавателите.
Една од главните причини за поделените мислења е променетиот изглед на некои од омилените анимирани ликови. Дури и актерот кој го игра Магарето изразил изненадување. Но, уште поголема полемика предизвика ликот на ќерката на Шрек, Фелисија, која се појавува во трејлерот. Според достапните информации, ликот го игра познатата актерка Зендаја - единственото женско дете на Шрек и Фиона.
Проблем со бојата на очите
Меѓутоа внимателните обожаватели шпекулираат дека продуцентите можеби имаат поинаков план за овој лик. Долгогодишните обожаватели на серијата знаат дека во третиот дел, Шрек и Фиона станаа родители на тројки – Фергус, Фаркл и Фелисија родени во 2007 година.
Во оригиналните филмови, Фелисија имала сини очи, додека нејзините браќа имале кафеави. Но, во новиот трејлер, ликот на Зендаја ги има истите кафеави очи како и нејзините браќа, што ги збуни гледачите и поттикна теории за можна промена на идентитетот на ликот.
„Можеби ќерката на Шрек е трансродова“
Еден обожавател на социјалните мрежи напиша: „Или ѝ дадоа кафеави контактни леќи или таа е всушност трансродовата ќерка на Шрек“. Друг додаде: „Идејата за транс лик во светот на Шрек има смисла, бидејќи главните мотиви на франшизата отсекогаш биле трансформацијата и прифаќањето на сопствениот идентитет“.
Друг коментар ја поддржува оваа теорија: „Веројатно нема да биде така, но Шрек отсекогаш бил приказна за идентитетот и изборот што ќе бидеме, и покрај околностите во кои пораснавме. Ова би била совршена франшиза за експлицитно трансродов главен лик“.
Постои и научно објаснување…
Многумина, сепак, ја отфрлија оваа теорија, тврдејќи дека многу деца кои се родени со сини очи подоцна добиваат кафеави очи. Тоа го потврдува и д-р Бартон Кушнер, професор по офталмологија, кој објаснил дека меланинот во ирисот може да ја промени бојата на очите како што расте детето.
„Меланинот не е целосно развиен кај новороденчињата, што резултира со сини очи. Меѓутоа, до деветтиот или дванаесеттиот месец од животот, ако детето е генетски предодредено да има кафеави очи, меланинот е целосно развиен и очите ја менуваат бојата“, објасни д-р Кушнер.
Бидејќи во филмот „Shrek Forever After“ гледаме тројки како го слават својот прв роденден, оваа теорија има научна основа.
...или можеби продуцентите едноставно заборавиле
Секако, наједноставното објаснување е дека аниматорите и продуцентите едноставно заборавиле дека Фелисија имала сини очи во претходните филмови. На крајот на краиштата, поминаа 15 години од последното продолжение на Шрек. Останува само да ја почекаме премиерата на филмот за да ја дознаеме вистинската вистина.