Актерот Мајкл Шин ги отплатил долговите на 900 луѓе во вредност од 1 милион фунти

Точка

06/03/2025

13:17

905

Големина на фонт

а а а

Холивудскиот актер Мајкл Шин отплатил долгови во вредност од 1 милион фунти, користејќи 100.000 фунти од сопствениот џеб. Шин формирал компанија за откуп на долгови за да им помогне на 900 луѓе во јужен Велс, пренесе Би-би-си.

Овој потфат е документиран во новата емисија на британскиот Канал 4 наречена „Тајната донација од милион фунти на Мајкл Шин“, која ќе се емитува следната недела – пет месеци по затворањето на последната висока печка во Порт Талбот, што го означи крајот на традиционалното производство на челик во јужен Велс.

Целта на емисијата е да открие како одредени банки и финансиски компании остваруваат профити на сметка на најранливите сегменти од општеството.

Шин изјавил дека нема 100.000 фунти „за расфрлање“ и дека затоа посакувал проектот да биде што е можно поефикасен.


И покрај првичните сомнежи, средбата со една жена во кафуле во Порт Талбот, која му раскажала приказна за „расплаканите работници“ кои останале без работа, го убедила да продолжи со проектот.

Иницијативата доаѓа два месеци откако Шин објави дека финансира нов театар за да ја надомести загубата предизвикана од затворањето на Националниот театар на Велс.

Уште во 2021 година, Шин себеси се прогласи за „непрофитен“ актер, ветувајќи дека ќе го искористи целиот свој приход за добротворни цели.

56-годишникот, познат по улогите во „Frost/Nixon“ и „The Damned United“, дури и ги продал своите куќи за да го овозможи одржувањето на Светското првенство за бездомници во 2019 во Кардиф.


Појавувајќи се на „The One Show“ во вторникот, актерот објасни како функционира системот за откуп на долгови.

Долговите на луѓето се групирани во пакети, кои компаниите за откуп на долгови потоа можат да ги купат по пониска цена.

Иако долгот останува ист, компаниите кои го поседуваат можат да го продаваат по сè пониски цени.

„Никогаш нема да дознаам кои се тие луѓе – сè уште не знам“

Мајкл успеал да основа компанија за наплата на долгови со 100.000 фунти сопствени пари и да купи долгови во вредност од 1 милион фунти бидејќи нивната пазарна вредност паднала.

Иако системот на почетокот му изгледал „чудно“ и „немал поим“ како функционира, тој одлучил дека тоа е „добро нешто“.

Компанијата не била основана под името на актерот и тој морал да биде „оддалечен“ од нејзиното работење.

Не го знаел идентитетот на луѓето чии долгови ги откупил – знаел само каде живеат и за каков долг се работи.

Шин рекол: „Никогаш нема да дознаам кои се овие луѓе – сè уште не знам“.


За време на снимањето на документарецот, процесот се покажал како многу покомплексен отколку што очекувал.

„Мислев дека ќе работам на ова само неколку недели или еден месец, но се претвори во две години бидејќи моравме да правиме сè во тајност“.

Актерот признал дека во еден момент почувствувал дека не може да продолжи. Но неговото мислење се сменило за време на снимањето во кафуле во неговиот роден Порт Талбот, додека локалната челичарница се подготвувала за затворање.

„Една жена која работеше во кафулето каде што снимавме ми раскажа приказна за мажи кои седеле во кафулето и плачеле затоа што останале без работа. И тоа навистина ме погоди – си помислив „Ќе сторам се што можам за да помогнам“, изјави актерот.


Едночасовниот документарец ќе се емитува на Канал 4 во понеделник, на 10 март, пет месеци по затворањето на последната висока печка во Порт Талбот, со што заврши традиционалното производство на челик во јужен Велс.