Пред неколку дена, министерот за култура и туризам, Зоран Љутков во изјава за еден медиум рече дека одлуката кој ќе биде директор на нашата институција може да биде и политичка.
Го повикуваме министерот да ни одговори нам и на јавноста – Зошто се спроведува конкурс, ако одлуката е политичка? Зошто се ставаат во нерамноправна позиција останатите кандидати? Како може одлуката да биде политичка кога вработувањата не смеат да бидат предмет на договор меѓу политички структури? Дали Љутков со оваа изјава и официјално потврдува дека департизацијата и мерит системот беа само декларативна предизборна кампања на ВМРО-ДПМНЕ? Дали кандитатите треба да бидат врвни професионалци, или да ја одразуваат политиката која ја водат тие како партија? За какво почитување на закони и департизација станува збор, бараме да ни одговори министерот Љутков, кога, по секоја цена, на незаконски начин се туркаат меѓупартиски договорени кадри, прашаа вработените во Македонска Филхармонија на денешниот протест пред Министерството за култура и туризам.
Ако оваа Влада, како што секојдневно слушаме е посветена на квалитет, а не на партиски списоци, тогаш и на конкурсот за директор на Македонската филхармонија треба да се избере најквалификуваниот, а не партиски договорениот кандитат, порачаа тие.
„И покрај најавите на министерот Љутков, дека изборот ќе биде спроведен законски, имаме информација дека Мустафа Имери не доставил комплетна документација, иако во конкурсот јасно е назначено дека некомплетните и ненавремено доставени документи нема да се разгледуваат. Комисијата веќе им дала рок на кандитатите кои не доставиле уредна документација да ги достават потребните документи во рок од три дена. Со тоа се крши законот за култура и условите од конкурсот, се со цел да се истера меѓупартискиот договор меѓу ВРЕДИ и ВМРО-ДМНЕ и да се назначи договорениот кандитат за директор на нашата институција.
Дополнителните изјави на вицепремиерот Меџити за вработување на илјадници Албанци во јавната администрација освен што одат во прилог на тезата за целосна партизација на јавната администрација, се уште една потврда дека, доколку се избере Имери, не се почитуваат ниту законите во оваа држава“, оценија вработените.
Бараат како што велат и од премиерот Христијан Мицкоски да остане доследен на последната изјава дека додека тој е претседател на македонската влада ќе се вработуваат компетентни кадри и дека ќе се почитува системот на заслуги, а не системот на партиски договори и списоци. И што е уште поважно, како што нагласуваат, дека ќе се почитуваат законите, и ќе важат исто за сите граѓани на Македонија.
„Сегашниот министер за култура, од позиција на опозиција, пред една и пол година застана во наша одбрана кога се соочувавме со проблеми предизвикани од претходната власт. Тогаш, Љутков на социјалните медиуми, меѓу другото напиша дека: „Во квечерината на 80тиот роденден, Македонската филхармонија е исправена пред предизвикот да се биде или не!“ И дека ако порано со гордост вработените ќе кажеа дека се од Македонска филхармонија, од постапките на некадарните раководители и министри дојдоа до позиција да се срамат“.
Сега сме исправени пред голем предизвик, велат тие и апелираат до премиерот Христијан Мицкоски и до министерот Зоран Љутков да не дозволат сегашниот срам на вработените во Македонската филхармонија да биде срам за ВМРО-ДМПНЕ, за нивните коалициони партнери и за нашата држава.