Полскиот претседател Анджеј Дуда по секоја цена сакал да биде првиот европски државник кој ќе се сретне со новиот американски претседател Доналд Трамп. Двајцата имаа блиски односи од првиот мандат на Трамп (2017-2021), во текот на кој Дуда имал ексклузивен пристап до американскиот претседател.
Дури и за време на изборната кампања во 2024 година, Дуда демонстративно го посетил Трамп.
Но, последната посета на Дуда на САД се претвори во фијаско. Имено Трамп го оставил својот полски гостин да чека час и половина во сабота, 22 февруари 2025 година, по што посветил помалку од десет минути на нивниот меѓусебен разговор. Средбата не се одржа во Белата куќа, туку на маргините на Конференцијата за политичко акција на конзервативците (CPAC) во близина на Вашингтон.
Нетрпеливиот Дуда
Телевизиските камери во живо пренесуваа снимки од Дуда како нетрпеливо го чекал Донал Трамп во ВИП салонот. Потоа, полскиот претседател од првиот ред ракоплескаше на говорот на Трамп на „CPAC“. Во таа прилика Трамп го нарече Дуда „фантастичен човек“ и го пофали поради фактот дека за него гласале 84 отсто од Полјаците кои живеат во САД.
🔴 US President #Trump kept Polish President Duda waiting at the door for 1.5 hours before meeting with him for just 10 minutes. pic.twitter.com/0K0L2ZfZDy
— Defence Türkiye En (@defencetr_en) February 24, 2025
Но, разликата во однос на приемот што францускиот претседател Емануел Макрон го имал во Белата куќа во понеделникот (24.02) е огромна: гостинот од Париз беше пречекан со сите државни почести, пред камерите и новинарите во Овалната соба, а потоа се одржа и заедничка прес-конференција.
„Тоа беше понижување и студен туш за полскиот претседател“, напиша Јацек Нижниевич во весникот „Жечпосполита“. Трамп, тврди тој, го третирал Дуда како „lame duck“, односно политичар кој заминува од власт и веќе нема влијание во својата земја. „Во новиот свет на Доналд Трамп, Полска од американска перспектива не е ниту тема, а камоли клучен играч“, наведува весникот.
Меѓутоа, на прес-конференцијата по средбата со Трамп, Дуда се обидел да остави впечаток дека посетата сепак била успешна. Тој изјави дека САД планираат да го зголемат, а не да го намалат присуството на своите војници во Полска и дека Трамп му рекол „да не се грижи“, бидејќи Полска е еден од најлојалните американски сојузници, пренесе Дојче веле.
Дуда избегнуваше каква било критика кон Трамп. А шефот на неговиот кабинет Марчин Масталерек по враќањето од Вашингтон изјави: „Постигнавме сè што сакавме“. Тој тврдеше дека средбата била „многу добра“. Во одбрана на Дуда застана и Јарослав Цвиек-Карпович, директор на полскиот институт за меѓународни односи (ПИСМ), кој нагласи дека средбата била важна бидејќи „со Трамп секоја секунда е важна“.
Полска во незавидна ситуација
За многумина оваа посета ја илустрира дилемата во која моментално се наоѓа Полска. Како земја на источното крило на НАТО, Полска ја гледа Америка како најважниот, ако не и единствениот сигурен гарант за нејзината безбедност. Истовремено, Полска ја поддржува Украина во нејзината борба против Русија од првиот ден – без разлика кој е на власт во Варшава. Затоа што во Полска империјалните планови на Владимир Путин се доживуваат како егзистенцијална закана.
Новиот курс на Трамп кон Украина и неговите помирувачки гестови кон Путин предизвикуваат загриженост во Полска. Блискоста на Трамп со Русија и неговата критика на Украина ја ставија конзервативната партија Право и правда (ПиС) на Дуда во незгодна позиција – помеѓу восхит кон Трамп и лојалност кон Украина.
Качински го брани Џеј Ди Венс
По критиките за говорот на американскиот потпретседател Џеј Ди Венс на Минхенската безбедносна конференција, лидерот на ПиС, Јарослав Качински застана во негова одбрана.
„Полска има избор: или ќе стане лидер на европското зближување со администрацијата на Трамп или ќе ги инспирира антиамериканските сили во Европа“, рече Качински. Тој додаде дека полскиот премиер Доналд Туск „покажува дека повеќе би сакал да биде водач на антиамериканскиот бунт во Европа“.
Вистина е дека центристичката влада на Туск тешко се справува со новата американска администрација. Затоа Туск учествуваше на конференцијата во Париз свикана од Макрон на 17 февруари 2025 година, на која европските земји разговараа како да одговорат доколку САД ја прекинат поддршката за Украина. Сепак, полската влада нема намера да ги прекине добрите односи со Вашингтон.
Полска – пример во одбраната
Новата американска администрација сепак покажува одредена симпатија кон Полска. Американскиот секретар за одбрана Пит Хегсет првпат ја посети Варшава во средината на февруари и беше полн со пофалби. Полска, рече тој, е земјата која најдобро ги разбира САД и може да биде мост меѓу Америка и Европа.
И специјалниот претставник на САД за Украина, генералот Кит Келог, прво отиде во Варшава, пред да се упати кон Киев. Полска има репутација како примерен сојузник на НАТО – оваа година планира да одвои 4,7 отсто од својот БДП за одбраната, а повеќе од 10.000 американски војници се стационирани на нејзина територија. САД се исто така главниот снабдувач на оружје за полската војска, додека Полска е клучен логистички центар за снабдување на Украина со западно оружје.
Од полска перспектива, САД остануваат клучен гарант за безбедноста. Сепак, неодамнешните изјави на лидерот на германската Христијанско-демократска унија (ЦДУ) и веројатно иден канцелар, Фридрих Мерц, предизвикаа загриженост во Варшава. По сојузните парламентарни избори во Германија, Мерц рече дека негов приоритет е зајакнување на независноста на Европа од САД и дека прашање е дали НАТО воопшто ќе опстане во сегашната форма.