[ФОТО/ВИДЕО] Почина Австралиецот чија крв спаси повеќе од два милиони бебиња

Макфакс

03/03/2025

07:57

5.637

Големина на фонт

а а а

Џејмс Харисон починал во сон во дом за стари лица во Нов Јужен Велс, Австралија, на 17 февруари, соопшти неговото семејство. Имал 88 години, јавува Би-би-си, додавајќи дека неговата крв спасила 2,4 милиони бебиња.

Во Австралија го нарекувале човекот со златна рака бидејќи неговата крв го содржела реткото антитело Анти-Д, кое се користи за производство на лек кој им помага на трудниците чија крв може да го нападне нивното неродено дете.

Австралискиот Црвен крст, кој му оддаде почит, рече дека тој решил да стане донатор откако примил трансфузија за време на голема операција на градниот кош како 14-годишен.

Почнал да донира крвна плазма на 18 години и продолжил на секои две недели до својата 81 година.


Во 2005 година го собори светскиот рекорд по количина на дарувана крвна плазма, рекорд што го држеше до 2022 година, кога беше надминат од маж од САД.

Неговата ќерка Трејси Мелошип рече дека нејзиниот татко е многу горд што спасил толку многу животи, без никакви трошоци или болка.

„Тој секогаш велеше дека не боли, а животот што ќе го спасите може да биде ваш“, рече таа.

Мелоушип и двајца од внуците на Харисон, исто така, добија Анти-Д имунизација.

„Го направи среќен да слуша приказни за семејства како нашето, кои постојат благодарение на неговата добрина“, рече таа.


Неговата плазма беше искористена за производство на Анти-Д имуноглобулин, кој им се дава на Rh-негативни мајки по раѓањето на Rh-позитивно дете, со што се спречува развојот на Rh антитела. Мајките и децата понекогаш немаат компатибилни крвни групи, како на пример кога децата се Rh-позитивни, а мајката е Rh-негативна. По раѓањето на Rh-позитивно бебе, Rh-негативната мајка добива инјекција на анти-D имуноглобулин за да се спречи формирањето на антитела кои би ги нападнале црвените крвни зрнца на Rh-позитивните бебиња во идните бремености.

Пред да се развијат Анти-Д терапии во средината на 1960-тите, секое второ бебе дијагностицирано со HDFN не преживеало.

Не е јасно зошто крвта на Харисон имала толку Анти-Д антитела, но некои извештаи сугерираат дека тоа може да има врска со голема трансфузија што ја примил како 14-годишник.