На 55 годишна возраст почина актерот Самоил Стојановски, кој беше дел од македонската актерска сцена повеќе децении.
Од 2003, па до неговиот последен аплауз во декември годинава, беше вработен во Народниот театар „Јордан Хаџи Константинов – Џинот“ во Велес.
„До семејството, колегите и пријателите на Самоил упатуваме најискрено сочувство во овие тешки моменти. Неговата посветеност и топлина што ги споделуваше со сите што го познаваа ќе останат засекогаш во сеќавањата. Нека спомените за него бидат утеха, а неговото дело сведоштво за неговиот живот и љубовта кон театарот“, велат од велешкиот театар.
На сцената на велешкиот театар создаде ролји во бројни претстави, меѓу кои: „Будење“, „Ѕвонарот на Богородичната црква во Париз“, „Четвртата сестра“, „Орест“, „Жени во народното собрание“, „Сомнително лице“, „Враќање“, „Железно пиле“, „Дом за птици“, „Да се заборави Херострат“, „Х-Хамлет“, „Птици“, „Џинот, учителот“, „Веселите жени од Виндзор“, „Тероризам“, „Баханалии“, „Злосторство на островот на козите“, „ММЕ кој прв почна“, „Онегин“, „Шашардисани времиња“, „Принцезата и Гускарот“, „Последниот Балкански вампир“, „Крал Лир“, „Тартиф“, „Најважната работа на светот“, „Приказни од шестиот кат“, „Класен непријател“, „Добрата надеж“, „Мачорот во чизми“, „Ана Комнена“, „Синиот портокал“, „Лисистрата“, „Елешник“, „Креонт и Антигона“ и други.
Стојановски оствари улоги и во филмската и телевизиската продукција, учествувајќи во проекти како што се „Трст виа Скопје“ (1987–1990), „Погрешно време“ (2000), „Вампирџија“ (2002), „Крајот на играта“ (2002), „Крчма на патот кон Европа“ (2005), „Ова не е американски филм“ (2011), „Старо купуем“ (2013), „Приказни од животот“ (2014), „Ослободување на Скопје“ (2016), „Преспав“ (2016), „Македонски народни приказни“ (2017) и „Црвениот поет“ (2024) и други.