Украина: Западните мировници би можеле да патролираат по воздушен и морски пат

Макфакс

28/02/2025

08:52

247

Големина на фонт

а а а

Украина е во разговори со западните сојузници за да се осигура дека секој иден воен контингент кој ќе го надгледува потенцијалниот прекин на огнот, исто така, има улога во патролирањето на воздушниот и поморскиот простор, изјави вчера на прес-конференција портпаролот на украинското Министерство за надворешни работи, Георги Тихи.

„Ако нашите партнери и сојузници се подготвени да разговараат за можното распоредување на овие контингенти за да се обезбеди мир и безбедност во Украина… тогаш мислиме дека е сосема можно да се разговара за безбедноста на небото“, рече Тихи.


Дискусијата доаѓа во време кога се споменува концептот на мултинационални мировни сили како потенцијална безбедносна гаранција за Украина во случај на прекин на огнот.

Според Киев Индипендент, Тихи ја истакнал важноста од зајакнување на безбедноста во Црното Море, со оглед на континуираните руски закани за слободата на пловидба. „Веќе разговараме за ова во преговорите со нив (западните партнери – уред.) и веруваме дека ова е сериозна тема за која треба да се разговара“, рече тој, додавајќи дека ова прашање може дополнително да се разговара на самитот на ЕУ на 6 март.

Вашингтон ја поддржа идејата за европски мировни сили, а американскиот секретар за одбрана Пит Хегсет на 12 февруари рече дека таквата мисија нема да вклучува американски војници.


Американскиот претседател Доналд Трамп на 26 февруари повтори дека Европа треба да преземе примарна одговорност за регионалната безбедност. Франција, Обединетото Кралство и неколку други земји сигнализираа поддршка за распоредување мировници, иако европските нации сè уште не постигнале консензус.

„Вашингтон пост“ на 17 февруари објави дека до 30.000 европски војници може да бидат испратени во Украина како дел од мисијата за следење на прекинот на огнот.