НАТО ја дава најдобрата безбедносна гаранција за Украина, изјави денеска високата претставничка на Европската унија (ЕУ) за надворешна политика и безбедност Каја Калас директно спротивставувајќи се на позицијата на американскиот претседател Доналд Трамп.
Во Вашингтон, Калас за AFP изјави дека Европејците нема да можат да придонесат за евентуален договор за Украина доколку не бидат поканети на преговарачка маса, додека Трамп директно ќе преговара со претседателот на Русија, Владимир Путин.
„НАТО чадорот“ е единственото нешто што навистина функционира, единствената безбедносна гаранција што функционира, изјави поранешната естонска премиерка која е во посета на Вашингтон.
Трамп отфрли секаква можност Украина да влезе во НАТО, на што Москва исто така се спротивставува, а тој е нејасен за безбедносните гаранции што САД би биле подготвени да и ги понудат на Украина во случај на прекин на огнот по тригодишна руска инвазија.
Трамп алудираше дека желбата на Украина да влезе во НАТО е „веројатно причината поради која започна целата работа“ – војната со Русија.
Каја Калас оцени дека „тие обвинувања се целосно погрешни“ и дека тоа е „руска реторика во која не треба да веруваме“.
Таа праша „зошто на Русија би и се дало она што го сака, над она што веќе го направи, а тоа е нападот на Украина, анексија и окупација на територијата“.