Швајцарскиот сојуз за директна демократија (Schweizer Bündnis für direkte Demokratie) започна јавна кампања со која бара Алис Вајдел, лидерката на десничарската партија АфД, да ја напушти Швајцарија и да се врати во Германија. Иницијативата вклучува и испраќање симболично писмо со приложена повратна авионска карта.
Во писмото упатено до Вајдел, иницијативата вели дека го цени нејзиниот избор да се насели во малото швајцарско село Ајнзиделн со своето „мултикултурно семејство во боја на виножито“, но нагласија дека очекуваат сите новодојденци да се интегрираат и да ги усвојат швајцарските традиции и вредности.
Das «Schweizer Bündnis für direkte Demokratie» will, dass Alice Weidel zurück nach Deutschland geht – und lanciert eine...
Posted by Rainer Hofmann on Thursday, February 20, 2025
„Швајцарија ја црпи својата сила од различноста – таа е успешен модел кој очигледно ве убедил на приватно ниво“, пишува во писмото.
Сепак, авторите потоа истакнуваат дека политичките активности на Вајдел се во спротивност со овие принципи и „љубезно ја замолуваат повторно да ја напушти Швајцарија“, тврдејќи дека нивната земја „не е засолниште за силите кои ја загрозуваат државата и шират омраза“.
На крајот од пораката тие додадоа дека веќе е приложен повратниот билет за Германија, со следната порака: „Среќно враќање дома! #AdieuAlice“.
Медиумите пишуваат дека таа е регистрирана во Германија, но практично живее во Швајцарија
Оваа иницијатива доаѓа по медиумските извештаи дека Вајдел, кандидатката за канцелар на АфД, поголемиот дел од своето време го поминува во Швајцарија, иако се бори за националистички каузи во Германија.
Критичарите сметаат дека нејзиното присуство во Швајцарија не е во согласност со политиката на нејзината партија, а иницијативата на Швајцарскиот сојуз за директна демократија јасно ѝ испраќа порака дека не ја сака како сограѓанка.
Вајдел и нејзиниот тим сè уште не се изјасниле во врска со ова, но сигурно ќе поттикне дополнителни дискусии за нејзината политичка и приватна ситуација.
Таа го прекинала интервјуто кога репортерот ја прашал каде навистина живее
Германскиот новинар Дејвид Гебхард ја прашал Вајдел, во документарец на ЗДФ за неа колку често е во Швајцарија, но таа избегнала да одговори.
„Да, тоа е сугестивно прашање што го поставувате. Нема да одговорам ако го поставувате така. Можеме ли сега да преминеме на следното? – одговорила лидерката на АфД.
Кога новинарот ја прашал како поинаку да го формулира прашањето, таа избегнала да каже каде го поминува поголемиот дел од своето време: „Не, сигурно не вака. Не ги прашувате другите политичари колку често поминуваат време дома“, рекла таа, а потоа го прекинала интервјуто: „Веќе немам волја, вие само поставувате сугестивни прашања“.
Нејзиниот портпарол потврди дека Вајдел е регистрирана во Германија, во областа на Боденското езеро и дека таму плаќа даноци.
На прашањето кога последен пат ја посетила нејзината изборна единица, Тап рекол дека била таму на 8-ми и 9-ти јануари и повторно на крајот од претходната недела.
Вајдел е официјално регистрирана во германскиот град Уберлинген, на Боденското езеро во југозападната германска покраина Баден-Виртемберг.
Но, медиумите неодамна објавија дека поранешната банкарка, која се опишува себеси како лезбијка, но не и квир, живее со својата сопруга Сара Босард, швајцарската продуцентка родена во Шри Ланка, и нивните два посвоени синови, во Швајцарија.
Нејзиниот дедо бил нацист
Алис потекнува од семејство кое имало значајно политичко минато – нејзиниот дедо од страната на татко ѝ бил истакнат нацистички судија, а семејството било протерано од Шлезија, сега дел од Полска, по Втората светска војна, пренесе index.hr.
Таа самата се приклучила на АфД во 2013 година, првично поради противењето на финансиската помош на земјите во текот на кризата во еврозоната. Оттогаш, партијата претрпела значителна идеолошка промена, станувајќи силно фокусирана на прашањата за миграција и суверенитет.
Исто така Вајдел е скептична климатските промени и поддржува даночни намалувања, укинување на минималната плата и намалување на владиниот апарат. Таа се залага и за построги мерки против илегалната имиграција, нагласувајќи дека големиот прилив на мигранти во последните години предизвикал економски и социјални проблеми.
Историски изборен успех за АфД
Потсетуваме, партијата Алтернативата за Германија (AfD) постигна историски успех на неодамнешните парламентарни избори, убедливо освојувајќи го второто место на национално ниво. Истовремено, АфД е јасен победник во источна Германија, што е доказ дека изборниот јаз меѓу истокот и западот на земјата и понатаму постои.
АфД е основана во 2013 година. Првично била формирана како евроскептичен одговор на финансиските и економските политики на еврозоната, но со текот на времето се трансформирала во десничарско популистичко движење.
Партијата ја критикува и понатамошната европска интеграција и се залага за посилен национален суверенитет. Бара построга контрола на границите и намалување на масовниот прилив на мигранти, особено од муслиманските земји, нагласувајќи ја важноста од зачувување на германскиот културен идентитет.
Промовира традиционални вредности и национален идентитет, што често се поврзува со критика на мултикултурализмот. Исто така често изразува загриженост за влијанието на исламот врз германското општество, што доведува до обвинувања за исламофобија.
Многу политички аналитичари, медиуми и институции во Германија, како и во странство, ја позиционираат АфД како екстремно десничарска партија. Многу критичари истакнуваат дека партијата користи многу остра реторика насочена против мигрантите и исламската култура, која се смета за нетолерантна и ексклузивна. Тие, исто така, ја обвинуваат АфД за отфрлање на современите демократски стандарди.