Фридрих Мерц, шефот на германската конзервативна Христијанско-демократска унија (ЦДУ) и нејзината сестринска партија Христијанско-социјалната унија (ЦСУ), победи на предвремените избори во Германија, и се подготвува да ја преземе контролата врз најголемата економија во Европската унија.
„Политико“ во опсежната анализа потенцира дека сè уште не е јасно како ќе изгледа новата германска влада или колку Мерц ќе може да ја преобликува германската политика по свој вкус.
Бриселскиот сајт процени дека најверојатно ќе поминат неколку недели пред да се постигне договор во коалициските преговори меѓу ЦДУ/ЦСУ на Мерц и другите партии и тој да стане канцелар.
Меѓутоа, едно нешто изгледа извесно: Мерц ќе ја води Германија во поразлична насока од онаа на претходниот канцелар Олаф Шолц.
Можеби оваа насока нема ни да наликува на Германија која Ангела Меркел, исто така од ЦДУ, ја водела цели 16 години, до 2021 година.
Политико потсети дека минатиот месец Мерц се обидел (неуспешно) да протурка нови мерки поврзани со миграцијата во германскиот парламент со поддршка на екстремно десничарската партија Алтернатива за Германија.
Ова беше јасно отстапување од ветувањата на Меркел за прифаќање бегалци.
Но тоа не е сè, бидејќи можниот пресврт на долгогодишната германска политика кон нуклеарната енергија до построгиот став кон Кина и плановите за повторно зајакнување на германско-француската оска за поттикнување на трговијата внатре во ЕУ, Мерц би можел да ја растресе германската политичка сцена, а исто така, со еден потег, и целата Европска унија.
Политико објасни што значи победата на Мерц за Европа.
Одбрана
Два дена пред изборите, Мерц предупреди дека Европа мора да се подготви за можноста САД под водство на претседателот Доналд Трамп повеќе да не ја поддржуваат колективната одбрана во рамките на НАТО.
„Мораме да се подготвиме за можноста Доналд Трамп повеќе да не се придржува безусловно до колективната одбрана на НАТО. Мора да разговараме со Британците и Французите, двете европски нуклеарни сили, за тоа дали нуклеарната безбедност од Обединетото Кралство и Франција исто така важи и за нас“, рече Мерц во интервју за германската телевизија, навестувајќи дека Германија може да побара нуклеарна заштита од своите европски сојузници.
Мерц, исто така, ветил дека ќе ја прошири германската одбранбена индустрија и се очекува брзо да го исполни своето претходно ветување за укинување на блокадата на Шолц за испраќање на „Таурус“ крстосувачките ракети со долг дострел во Киев, кои Украина би ги користела за напад на руски цели.
Една од главните теми во текот на неговите први недели како канцелар ќе биде како Берлин планира да собере пари за проширување на фондот вреден 100 милијарди евра, договорен во владата на Шолц, за модернизација на опремата на Бундесверот.
Тој фонд е веќе распределен и парите од него ќе се трошат на огромни програми за набавки до 2027 година, што го наметнува прашањето како Берлин планира да ги исполни своите обврски кон НАТО од конвенционалниот државен буџет, што Мерц вети дека ќе го направи во иднина.
„Можеби ќе треба повторно да ја зголемиме целта од два проценти и мораме да се подготвиме за тоа“, изјави Мерц за поткастот на Политико „Берлин плејбук“ во врска со плановите за дополнително зголемување на целта на НАТО, имајќи предвид дека Трамп повика на постигнување целта од пет проценти.
Енергетика
Во последните години, германската енергетска политика се фокусирала на забрзување на забрзано вложување во обновливи извори на енергија, затворање на нуклеарни реактори и обезбедување на снабдувањето со гас од странство со цел да се заменат руските испораки.
Демохристијаните на Мерц ветија дека „доследно ќе ги користат обновливите извори на енергија, сите нив“.
Меѓутоа, неговото политичко семејство, централно-десничарската Европска народна партија, се противи на „зелените“ енергетски цели на ЕУ.
Во меѓувреме, Мерц зазеде потопол став за нуклеарната енергија од Шолц, со што го доведе во прашање долгогодишното германско табу за атомската енергија.
Иако е малку веројатно дека земјата повторно ќе ги отвори затворените реактори, помекиот нуклеарен став на Берлин би можел да им помогне на пронуклеарните држави да го убедат Брисел да ја третира атомската енергија повеќе како обновливи извори на енергија.
Мерц, исто така, рече дека сака да го укине Законот за енергетска ефикасност на зградите, кој има за цел забрзано спроведувањето на чистите системи за греење, што може да испрати сигнал до скептиците за „зелените“ политики во Европа.
Борбата против климатските промени
Владата предводена од Мерц ќе стави помалку акцент на борбата против климатските промени отколку коалицијата предводена од Шолц.
За време на предизборната кампања, Мерц изрази загриженост за влијанието на климатските политики врз бизнисот и вети дека ќе го стави економскиот раст над сите други приоритети, а истовремено повика на повлекување на голем број регулативи на ЕУ поврзани со „зелената“ енергија.
Исто така „Политико“ пишува дека и покрај тоа, застапниците на „зелената“ политика изразуваат надеж дека реторичкиот чекан на Мерц по ова прашање ќе се претвори во „лесен чистач на прашина“.
Се наведува дека претставниците на индустријата генерално сакаат помала бирократија, но и доследна политика.
Индустриските стимуланси можат да се искористат за компаниите да станат „позелени“ и поефикасни.
„Тоа нема да го направат во име на климатската политика. Во ред. Ако тоа е за нив економска политика. Во ред“, изјави за бриселската веб-страница, Линда Калхер, извршна директор на тинк-тенкот „Стратеџик перспективс“.