Еден од пооригиналните филмови номинирани за Оскар оваа година е „Flow“, кој е номиниран во две категории – најдобар анимиран и најдобар меѓународен филм. Оваа латвиско-француско-белгиска копродукција нуди тивок, малку апокалиптичен приказ на приказна слична на филмот „Враќање дома“.
За разлика од повеќето анимирани филмови за животни наменети за семејно гледање, „Flow“ е потполно без дијалози. Заслуга има и дистрибутерот кој не прибегнал кон класичната практика на синхронизација со познати гласови за да го направи филмот попривлечен за американската публика.
Огромен успех меѓу луѓето и животните
„Flow“ постигна огромен успех, и кај гледачите и кај филмските критичари. Во моментов има импресивни 97 отсто позитивни оценки на „Rotten Tomatoes“. Но, покрај луѓето, филмот ги воодушеви и домашните миленици.
Откако стана достапен на стриминг платформата „Max“, „Flow“ стана вистински хит меѓу кучињата и (уште повеќе) мачките. Социјалните мрежи се преплавени со видеоснимки во кои миленичињата фасцинирано го следат филмот, во кој, покрај кучињата и мачките, главни улоги играат и лемурите и капибарата.
Сите сакаат да гледаат филмови со домашни миленици
Оваа невообичаена појава била забележана и од „Criterion Collection“, која подоцна оваа година, ќе објави физичко издание на „Flow“. На социјалните мрежи тие ги поканија следбениците да споделат фотографии од нивните миленици додека го гледаат филмот.
Гледањето филмови со животни не е нов феномен – истражувањето од 2024 година покажало дека 43 отсто од Американците повеќе би сакале да гледаат филм со своето куче отколку со партнерот, додека 93 отсто од сопствениците на кучиња рекоа дека нивните миленици „внимателно ги гледаат екраните“.
Ниту мачките не заостануваат. Минатата година видеото од спасена мачка опседната со филмот „The Grinch“ стана вирално. Многу сопственици на мачки, исто така, им го пуштале мјузиклот „Cats“ на своите миленици – но, се разбира, снимената верзија на театарската претстава, а не неславниот филмски римејк од 2019 година.