Денес на Јутјуб каналот на Стефан Лазаров премиерно беше објавена долгоочекуваната песна „Патишта“, дует со Тамара Тодевска. За само неколку часа, оваа песна станува хит кој допира до срцата на сите нас.
Пораката која оваа моќна балада ја пренесува е еден вид посвета до сите оние кои повеќе не се со нас, а чии имиња не секогаш ги изговараме на глас – туку ги чуваме скриени некаде длабоко … себично.
Лазаров „Патишта“ ја посвети на Зоран Василевски – Фаци, неговиот соработник и пријател, кој неодамна ја загуби долгата борба со ракот.
Тамара, пак, како што можеме да видиме и во самиот видеозапис, овие стихови ги испеа за нејзиниот најдобар пријател Влатко Илиевски, бунтовното момче со сини очи, кое прерано нè напушти.
„Песна посветена на драги луѓе кои веќе не се со нас, но и на сите луѓе, кои за жал, сакаат да живеат во животи туѓи“, пишуваше во најавата која Стефан и Тамара ја споделија на Инстаграм.
Музиката на хитот е на Стефан Лазаров, Васил Ангелов и Слаткаристика, а Слаткар е автор на текстот.