Режисерот на филмот „Бруталистот“, Брејди Корбет изјави дека „заработил нула долари“ за неговиот филм кој има дури 10 номиниции за Оскар, пишува Си-ен-ен.
Корбет рече дека тој и неговата партнерка Мона Фастволд не заработиле ниту цент за нивните последни два филма. Според него, тој паднал во таква финансиска криза што неодамна одлучил да прифати работа да режира реклами во Португалија.
„Ова е првпат по неколку години да заработам пари… Живеевме од плата стара три години“, рекол Корбет.
Корбет тврди дека тој не е единствениот режисер со „огромна возбуда“ и номинации за Оскар кој едвај врзува крај со крај.
„Разговарав со многу филмаџии чии филмови беа номинирани оваа година, а тие не можат да си ја платат киријата“, рекол тој, без да именува ниту едно име.
„Не ти плаќаат за да промовираш филм, а ако погледнеш одредени филмови кои премиерно беа прикажани во Кан, тоа беше пред речиси една година. Нашиот филм беше премиерно прикажан во септември, па јас го правам ова веќе шест месеци без приход бидејќи немам време за друга работа“, признал тој.
Извор близок до режисерот открил за „Пејџ сикс“ дека Корбет во еден момент изразил жалење што ја презел задачата да направи толку сложен филм.
„Години од мојот живот беа потрошени како резултат на стресот од снимањето на филмот. Иако филмот беше толку влијателен, па дури и комерцијално исплатлив, што е некако неверојатно“, рекол еднаш Корбет, додавајќи: „Не знам дали осум години страдање вредат четири месеци успех“.
За потсетување, покрај тоа што беше номиниран за Оскар за најдобра машка улога (Адриен Броди), најдобра споредна машка улога (Гај Пирс), најдобра споредна женска улога (Фелисити Џонс), како и за најдобро оригинално сценарио, филмот „Бруталистот“ освои и четири БАФТА и три Златни глобуси, вклучително и за најдобра режија на двете церемонии.