Сержо Консеисао изминатиот викенд не се појави на прес-конференцијата по натпреварот со Верона како последица на тажната вест која пристигна од Португалија, а тренерот на Милан го прескокна и денешното обраќање во пресрет на утрешниот меч со Феенорд.
Консеисао заминал во Португалија за да му оддаде последна почит на Жорже Нуно Пинто да Кошта, легендарниот претседател на Порто кој го водеше великанот од „Драгао“ од 1982-ра до 2024-та година, па откако го направил тоа, се јави и со трогателна порака на социјалните мрежи.
Кошта му беше како ментор и втор татко на актуелниот тренер на Милан, но покрај Консеисао, во зрела личност го претвори и Жозе Мурињо, тренер кој исто така со специјални зборови се прости од својот пријател.
– Ако една слика вреди илјада зборови, би биле потребни илјада слики за да се опише сето она што ми значиш, претседателе…. Она што го направи за нашиот Порто е добро познато, но ние засекогаш ќе го паметиме тоа што го направи за мене и моето семејство, секогаш ќе бидеш блиску до нашите срца.
– Последните времиња не беа лесни, но децениската соработка, поврзаност и пријателство стојат далеку над тоа. Врска која нема потреба од зборови, гестови или изрази. Имавме телепатско разбирање. Почивај во мир пријателе и претседателе Жорже Нуно Пинто да Коста. Збогум, – порача Консеисао.
– Мурињо, ти беше тренерот кој ми даде најмногу радост. Тоа беа твоите зборови, ПРЕТСЕДАТЕЛЕ……
– Моите се следните: Чувствувам огромна чест што сум дел од вашата историја и секогаш ќе бидам благодарен за вашата доверба и влијанието што го имавте врз мојата кариера. Така се збогувавме кога се сретнавме минатото лето во вашиот сакан град. Ќе ја паметам насмевката од првиот ден, но и радоста од последниот пат кога бевме заедно. ПРЕТСЕДАТЕЛ, мој ПРЕТСЕДАТЕЛ, – порача Мурињо.