Корисниците на вештачка интелигенција (AI) кои им дозволуваат на ботовите да размислуваат наместо нив на работа го избираат полесниот пат, кој е штетен за нивниот ум, покажува ново истражување.
Анкетата спроведена меѓу 300 вработени во "Microsoft", компанијата што го разви AI-системот "Copilot", открила „намалување на когнитивниот напор“, како што самите испитаници пријавиле, кај многу корисници кои користат вештачка интелигенција на повеќе од 900 начини во својата работа, пренесува агенцијата "DPA".
"AI" ја намалува способноста за критичко размислување
Ако се користат „на погрешен начин“, технологиите доведуваат до намалување на когнитивните способности, кои треба да се зачуваат, предупредуваат научниците во студијата, која ќе биде претставена на конференција за компјутерски науки и човечки фактори во Јокохама, Јапонија, кон крајот на април и почетокот на мај.
„Поголемата доверба во вештачката интелигенција е поврзана со намалено критичко размислување, додека поголемата самодоверба е поврзана со посилно критичко размислување.“ – тврди тимот научници од универзитетот Карнеги Мелон.
Со други зборови, користењето вештачка интелигенција може да доведе до тоа луѓето да останат заглавени во едноставни секојдневни задачи, како што се проверка на често непредвидливите одлуки на ботовите, наместо да се фокусираат на покомплексни задачи, како што се создавање стратегии и решавање проблеми, сугерира истражувањето.
„Генеративната вештачка интелигенција го пренасочува критичкото размислување кон валидација на информации, интеграција на одговори и управување со задачи.“ – објави тимот "Microsoft-CMU", по анализата на одговорите на вработените кои користеле ботови, како што е "ChatGPT", за задачи како што се пишување е-пошта или проверка на работата на колегите.