Тања Чачарова-Илиевска не е спремна да зборува за став за интерпелацијата, но забележала дека се бара колективна одговорност

Макфакс

12/02/2025

12:43

261

Големина на фонт

а а а

Тања Чачарова-Илиевска, членка на Судскиот совет, денес не беше спремна да зборува за поднесената интерпелација за петтемина членови на Судскиот совет. Најави дека ќе го каже ставот откога добро ќе ги анализира наводите во интерпелацијата.

„Ја прочитав, но поради обврски, денес немав можности добро да ја разгледам. Она што ми падна во очи е дека тоа не е интерпелација за членот Тања Чачарова-Илиевска на Судскиот совет, туку упатува за интерпелација на Судскиот совет. Се зборува за колективна одговорност. Јас не еднаш во моите обраќања, и на седници и во јавност кога сум зборувала, кажувам дека одговорноста мора да биде индивидуална и покрај тоа што Судскиот совет е колективно тело. Ние сите гласаме со својот глас за една одлука и во зависност од гласот на секој од нас се носи одлуката со мнозинството гласови. Токму од тие причини сметам дека навистина добро треба да ја анализирам и ќе дадам одговор во рокот предвиден во Деловникот за работа на Собранието“, рече Чачарова-Илиевска.

Откога ќе ја направи анализата на интерпелацијата, Чачарова-Илиевска најави дека ќе има и став за евентуална оставка. Премиерот Христијан Мицкоски очекува членовите на Судскиот совет да бидат доблесни и да си поднесат оставки доколку Собранието изгласа интерпелација.

Претседателот на Собранието, Африм Гаши, официјално ги извести членовите на Судскиот совет, Весна Дамева, Тања Чачарова-Илиевска, Милазим Мустафа, Павлина Црвенковска и Селим Адеми, дека е побарана интерпелација за нив. Петтемина за членови на Судскиот совет беа избрани во Собранието.

Во образложението на интерпелациите стои дека се поднесени поради негрижа, нарушување на угледот на судиите и загрозување на довербата на граѓаните во судството.

Барањето за интерпелација на членовите на Судскиот совет во Собранието на почетокот на месецот го поднесоа пратеници на ВМРО-ДПМНЕ, „Влен“ и ЗНАМ.